Екологистите жестоко реагираат на сечата на шумата во близина на селото Папрадиште, додека надлежните објаснуваат дека сè е легално. Снимките и фотографиите кои се појавија на социјалните мрежи покажуваат дека се сече шума на планината Јакупица, на патот Богомила-Папрадиште.
„Се сече млада шума, не постара од 15 години. На истиот простор пред толку години исто така имаше сеча. Површините се големи. Се сече дури и покрај патот, иако вообичаено се оставаат стебла во простор од десетина метри за да не се случува лизгање на земјиштето. Ниту тоа не е испочитувано“, велат од еколошката група „Зелена сила“ од Велес.
Од ЈП „Македонски шуми“ објаснуваат дека станува збор за редовни сечи на просторот наречен Горна Бабуна.
„Сечите се предвидени во Посебниот план за стопанисување со шуми за ШСЕ ‘Горна Бабуна‘ со важност од 2021 до 2030 година, одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со решение од 4 февруари 2021. Сечи се предвидени и во Програмата за работа на ПШС ‘Бабуна‘ за 2022. Тоа се чисти сечи на површини од 12,99 ҳектари и 31 хектар. Сечите се маркирани и примени од инспектор за шумарство“, соопштија од ЈП „Македонски шуми“.
П. ПЕЧКОВ