ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ЈАБЛАНИЦА КОНЕЧНО ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК ЗА ДА ЗАПРЕ ДИВАТА СЕЧА И НЕЛЕГАЛНАТА ГРАДБА

    ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ЈАБЛАНИЦА КОНЕЧНО ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК ЗА ДА ЗАПРЕ ДИВАТА СЕЧА И НЕЛЕГАЛНАТА ГРАДБАИницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк започна пред 15 години. (Фото: СДК.МК)

    Иницијативата за прогласување на планината Јабланица за национален парк е стара и сè уште нереализирана. Екологистите алармираат дека заглавената постапка го уништува планинскиот појас кој изобилува со ендемска флора и фауна. Ако не се заштити ова подрачје, велат тие, ќе продолжи уништувањето на природните убавини со дивата сеча на шумите и нелегалната градба. Бараат што поскоро да заврши постапката за прогласување на Јабланица за национален парк, оти само на тој начин ќе престанат уништувањето на шумите, узурпацијата на земјиштето и дивоградбите.

    „Исто така, сметаме дека ставањето под контрола на овие процеси и прекинувањето на илегалните процеси ќе биде во полза и за населението кое што живее во подрачјето на планината Јабланица, како можност за голем економски развој и просперитет преку користење на вредностите кои ги обезбедува статусот на заштитено подрачје. Тука има бројни села, бројно население коешто може да просперира од идниот заштитен статус на планинското подрачје“, вели Јован Секулоски од иницијативниот одбор.

    Секулоски вели дека ако системот функционира и денес не би требало да се случуваат појавите за деградација на планината, па само со ставање на една ваква правна рамка ќе го направи успешен процесот на заштита на природните вредности на Јабланица.

    Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонското еколошко друштво (МЕД), вели дека се направени истражувања за природните вредности на Јабланица, а во тек е изработка на студијата за ова значајно подрачје. Главниот проблем да се заврши целиот процес се финансиите.

    „Потребно е време, но потребни се и финансии. Се обидуваме од различни страни да обезбедиме финансиски средства за да може да се покријат различните поглавја од таа студија и откако ќе се сработи треба да се достави до Министерството за животна средина, за да се спроведе процедурата за прогласувањето на Јабланица за национален парк“, вели Брајаноска.

    Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк започна пред 15 години. Подрачјето од албанска страна е заштитено во 2008, додека во државава сè уште се прават студии и се обезбедуваат средства со што постојано се возобновува процесот кој е поддржан од невладиниот сектор, месните заедници и градоначалниците на Струга и Вевчани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира