ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ЗАКОН ЗА ВОДНО, А НЕ САМО СО ОДЛУКА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ

    ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ЗАКОН ЗА ВОДНО, А НЕ САМО СО ОДЛУКА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕЕкологистите сметаат дека Водно мора да се заштити со специјален закон и само со такво  решение ќе се забрани целосно понатамошна урбанизација на ова подрачје. (Фото:СДК.МК)

    Со одлуката Водно да стане заштитено подрачје не се нуди вистинска заштита на планината, сметаат екологистите. На денешната јавна расправа за Нацрт Одлука за Прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V- заштитен предел, предложена од Министерството за животна средина, екологистите и професорите кажаа дека со оваа одлука под превезот на заштита на природата ќе се овозможи уште поагресивна изградба на нови содржини. На претставниците од Министерството за животна средина и Град Скопје им кажаа дека Водно мора да се заштити со специјален закон и само со такво  решение ќе се забрани целосно понатамошна урбанизација на ова подрачје.

    Претставниците од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинжинеринг, сметаат дека со оваа одлука сите нивни заложби како институција во последниве 30 години се фрлаат во вода.

    „Ние испративме многу дописи до релевантните институции, но немаше никаков одговор. Информирај и игнорирај се алатките коишто ги користи Владата, па истите ги примени и на нас. Водно треба да биде прогласено за шума со заштитна намера, а не за заштитно подрачје”, рече проректорката на Факултетот за шумарски науки, Македонка Стојановска

    Од невладината организација „Го сакам Водно“ рекоа дека потребна е интегрирана заштита за Водно и да биле земени забелешките на граѓанските организации уште на почетокот од овој процес, до сега тој закон ќе беше на сила.

    „Самиот градоначалник Петре Шилегов пред две ипол години се залагаше за ваков закон, но очигледно се откажа“, посочи Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“

    Екологистите забележуваат и на предлогот во Нацрт -Одлуката управувањето со Водно да се додели на Градот Скопје бидејќи имале шанса и досега да го заштитат Водно како парк- шума, но не го сториле тоа.

    Нацрт Одлуката која ја предложи Министерството за животна средина предвидува прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V. Град Скопје ќе се грижи за управувањето и кој ќе мора да донесе План за управување кој ќе биде согласно одредбите од Законот за заштита на природата.

    Површината на идното заштитено подрачје на Водно ќе биде речиси 4.000 хектари, од кои зоната за строга заштита ќе има 276,3 хектари или 6,9% од вкупната површина на заштитеното подрачје. Зоната за активно управување е најголема и зафаќа 52,3% од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во зоната за одржливо користење влегуваат 1.532 хектари, околу кои се протега заштитен појас.

    К. СЕЛАМОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира