ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ЗАШТИТА НА СТАРИОТ ДРВОРЕД ПРИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ВО ОХРИД, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО НОВИ ДРВЈА

    ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ЗАШТИТА НА СТАРИОТ ДРВОРЕД ПРИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ВО ОХРИД, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЌЕ СЕ ЗАМЕНИ СО НОВИ ДРВЈАГрадоначалникот на Охрид Константин Георгиески вели дека дрворедот стар 40 години ќе се замени со нови дрвја. (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид денеска започнаа подготвителните активности за комплетна реконструкција на улицата Јане Сандански од крстосницата со булеварот Туристичка до кружниот тек кај Болнички комплекс и замена на дотраената азбестна водоводна линија. Според најавите, целосно ќе биде заменет и речиси пет децении стариот дрворед кој, како што велат стручните служби на Општината, предизвикува сериозни проблеми на целокупната инфраструктура, под и над земјата.

    Ваквиот зафат предизвика бурни реакции кај екологистите кои бараат повлекување на одлуката, оти јавноста не била запознаена со сите детали и аспекти на најавената реконструкција.

    „Јавноста не знае што освен ‘промена на водоводната азбестна линија’ ќе значи таа реконструкција. Дали ќе има дрворед од двете страни на улицата, како некогаш? Какви садници ќе ги заменат овие дрвја кои се сега? Дали воопшто ќе се засадат дрвја? Зошто има потреба од отстранување на дрвјата? Дали ќе има велосипедска патека од двете страни, како на другите улици или повторно ќе се паркираат возила на едната страна?“, прашуваат од еколошкото движење „Охрид СОС“.

    Оттаму велат дека со ваквите одлуки само се повторува повеќедецениска практика во градот, синоним за реконструкција на некоја улица да биде деструкција на повеќегодишни дрвја без притоа да се слушне гласот на народот и стручните лица.

    „На ниеден начин охриѓани не се вклучени во процесот и транспарентно информирани за плановите за да може да дадат свој коментар или забелешки. Во Архуската конвенција чијшто потписник е и Македонија, јасно се утврдени правата поврзани со одлуки кои ја засегаат животната средина: процес на сеопфатна консултација е задолжителен, транспарентна комуникација со граѓаните е задолжителна ако сакаме навистина да бидеме земја која ги почитува демократските начела и која го штити владеењето на правото“, велат од „Охрид СОС“.

    Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, појаснува дека не се работи за отстранување, туку за замена на стариот дрворед. Тој вели дека Општината и во овој случај, при преземањето градежни активности води грижа за еколошките аспекти и заштитата на животната средина.

    „Деновиве ќе се изврши отстранување на старите и оштетени стебла од дрворедот на улицата. Во рамки на проектот за реконструкција на оваа важна сообраќајница, планирано е подигнување нов дрворед. Општина Охрид во согласност со својата годишна програма, во континуитет инвестира во подобрување на животната средина и одржување на зеленилото во градот. Во тек е тендерска постапка за набавка на вкупно 300 четиригодишни садници од видот Acer platanoides, од кои дел ќе бидат наменети за новиот дрворед на улицата Јане Сандански“, вели Георгиески.

    Жителите на улицата Јане Сандански денес со мирен протест изразија незадоволство од реакциите на граѓанската асоцијација „Охрид СОС“ и барањето да се стопира проектот за реконструкција. Велат дека имаат проблеми од застарената водоводна мрежа, за што со години барале од Општивата да се замени водоводната инсталација стара повеќе од 50 години.

    „Не се работи само за обновување на дрворедот кој е стар веќе 40 години. Баравме реконструкција на водоводната мрежа, нивелирање на тротоарите, велосипедска патека. Добро е што конечно ќе се излезе во пресрет на нашите барања“, вели Илија Џепароски, жител на улицата.

    „Имаме многу проблеми, а најголем е со водоводната инсталација градена 1956-1957 година. Секој втор месец пука цевка, се прават големи штети. Дел од граѓаните имаат поднесено и тужби. Дрвјата треба да се сменат со нови кои имаат длабоки корења. Корените на постоечкиве се површински со што целиот тротоар околу нив е наткренат, не е безбедено за движење, па се случува некој да се сопне и падне“, вели Јове Јованоски.

    Жителите се пожалија дека застарената водоводна мрежа им прави проблеми и при поголеми врнежи од дожд оти водата им влегува во куќите.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира