Никола Наумоски, кој беше шеф на кабинет на ексградоначалникот на Скопје Петре Шилегов, го доби судскиот спор за клевета против градоначалничката Данела Арсовска. Наумоски ја тужеше Арсовска за клевета дека трошел пари од Градот за ручеци во кафеани.
„Данела е лажга и клеветничка.Така пресуди судот денес, речиси три години откако пред новинари и камери ме клеветеше дека сум трошел градски пари за да јадам и пијам по кафани. Во овие три години таа вешто ги избегнуваше сите судски покани, избегнуваше и одолговлекуваше, а на крајот не приложи ниту еден доказ за наводното трошење. Иако на располагање ја има целата архива на градот и сите документи, таа не успеа да најде ниту една инкриминирачка сметка, фактура, налог, било што со што ќе може да ја поддржи нејзината лага“, вели Наумоски и додава дека ќе бара отштета од Арсовска.
Градоначалничката Арсовска на единствениот брифинг што го имаше со новинарите во декември 2021, веднаш по стапување на функцијата, кажа дека Наумоски треба да објасни за трошењето пари за кафеани што било трошок во износи од илјадници евра и дека сите ќе одговараат за трошењето народни пари.
„Го гледам човекот кој беше шеф на кабинет на претходниот градоначалник кој се дрзнува да зборува против местото од каде што ја добива платата, а ја добива од парите на граѓаните на Градот Скопје и притоа си зема одмор, зеде боледување и не доаѓа на работа да даде отчет и да ја примопредаде функцијата. Треба да даде отчет и да каже каде се сите пари кои ги потрошил“, рече тогаш Арсовска.
Наумоски тврди дека таа во судската постапка за овие клевети не приложила ниту еден доказ.
Попладнево од кабинетот на Арсовска испратија соопштение во кое велат дека пресудата за овој случај не е формално донесена и врачена.
„Наумовски со информации побрза да прејудицира судска пресуда и да навредува. Од неговата изјава дека пред новинари и камери бил клеветен дека трошел градски пари за бифтеци, а за тоа не бил до судот приложен ниту еден доказ, во прилог до јавноста доставуваме една од бројните сметки за од него потрошените градски средства кои беа доставени во постапката пред судот. Одлуки на судот Град Скопје нема да коментира, а за тоа дали е клевета изнесеното или не, ќе се почека и официјалната првостепена пресуда на судството во кое македонските граѓани имаат 2% доверба“, стои во соопштението од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА