ЕСМ „Молика“, која управува со кујната во РЕК „Битола“, ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за точно да се утврдат причините за здравствените тегоби кои се појавија кај вработени во РЕК на 25 март, откако јаделе лазања со сос во работничката кујна. Од „Молика“ соопштија дека инспекциските надзори потврдиле дека бактеријата салмонела не е откриена во примероците од храна и работните површини во кујните на ТЕ и Рудници. Шест дена по труењето, Заводот за здравствена заштита соопшти дека кај 24 пациенти кои јаделе во работничката кујна, во изметот била потврдена салмонела од групата Д.
„Целта на оваа правна постапка е надлежните органи да ги преземат сите истражни мерки за да се расчисти секој сомнеж и да се заштити интегритетот на процесот на исхрана“, велат од „Молика“.
Кујната, која беше затворена од надлежните служби по спроведениот вонреден инспекциски надзор уште во март, почнува со подготовка на храна од понеделник, 11 мај. Од „Молика“ велат дека се исполнети највисоките хигиенски стандарди, спроведено е темелно чистење и дезинфекција, како и дополнителни заштитни мерки.
„Како превентивна мерка по овој немил настан, се воведува промена во начинот на послужување. Топлиот оброк ќе се послужува исклучиво за вработените во кругот на Термоелектраната, додека вработените во Рудниците ќе добиваат сув оброк сè додека не се обезбедат соодветни логистички услови кои гарантираат највисоки стандарди за безбедно послужување топла храна во трпезаријата на ПЕ Рудници“, соопштија од ЕСМ „Молика“.
Сите заболени на 25 март, кои јаделе лазања, биле вработени во Рудници, каде што храната била дистрибуирана како спакуван оброк и консумирана со временско одложување. Не беа евидентирани заболувања меѓу вработените во Термоелектраната, каде што храната се јаде веднаш по подготовката во контролирани услови.
Од ЕСМ „Молика“ апелираат до вработените оброкот да се консумира непосредно по преземањето, со цел да се избегнат сите ризици од негово одложено консумирање во несоодветни услови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



