ЕСМ ПРЕКУ МЕЃУНАРОДЕН ПОВИК ЌЕ НАБАВУВА ЈАГЛЕН ЗА РАБОТА НА ЕДЕН БЛОК ВО РЕК БИТОЛА И ВО ОСЛОМЕЈ

    ЕСМ ПРЕКУ МЕЃУНАРОДЕН ПОВИК ЌЕ НАБАВУВА ЈАГЛЕН ЗА РАБОТА НА ЕДЕН БЛОК ВО РЕК БИТОЛА И ВО ОСЛОМЕЈРудниците во РЕК Битола. (Фото: СДК.МК)

    ЕСМ утре ќе објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј, соопшти генералниот директор Васко Ковачевски. Тој рече дека вакви чекори се преземаат за да се произведе дополнително количество на електрична енергија, за цената да биде стабилна во услови кога на меѓународниот пазар бележи енормен раст.

    „АД ЕСМ будно ги следи движењата на пазарот на електрична енергија, каде во изминатите осум месеци се бележи енормен раст на цената на електричната енергија. Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, ние имаме стабилно производство и ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почуствува ценовен шок кај граѓаните. Но, за стабилен електроенергетски систем потребно е да се произведе дополнително количество електрична енергија, и за истото е потребен засилен ископ на јаглен во РЕК Битола, како и набавка на јаглен на меѓународен јавен повик“, соопшти Ковачевски.

    Тој додаде дека ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022, за што утре ќе биде објавен меѓународниот јавен повик.

    „Со оваа произведена енергија ќе го зацврстиме електроенергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, ќе ги продадеме на слободниот пазар и со тоа ќе оствариме приход за компанијата и за државата”, соопшти Ковачевски.

    Десетина години, во повеќе наврати од Комбинатот истакнуваат дека експолатациониот век на РЕК е при кај и дека се намалени резервите за ископ од јаглен. Сегашното раководство најави дека ќе изгради когенеративна гасна централа која со работа би започнала сезоната 2025/26 година и изградба најпрво на три фотонапонски електрани, а потоа дополнително уште две со што постепено производството на струја од фосилни горива ќе премине на обновливи извори.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира