ЕСМ ПРЕЗЕДЕ ОБВРСКА ДА ЈА САНИРА ШТЕТАТА НА МОСТОТ БЕЛАСИЦА, ВЕЛИ АРСОВСКА

    ЕСМ ПРЕЗЕДЕ ОБВРСКА ДА ЈА САНИРА ШТЕТАТА НА МОСТОТ БЕЛАСИЦА, ВЕЛИ АРСОВСКАЕкипи на ЕСМ денеска биле спречени да работат на мостот од инспектори на Град Скопје, за што Арсовска кажа дека немале соодветна документација. (Фото: СДК.МК)

    Скопската градоначалничка Данела Арсовска вели дека ЕСМ презел обврска да ја санира штетата на долниот дел од мостот Беласица, настаната во пожар на 12 мај.

    Според градоначалничката, оној што го предизвикал оштетувањето на мостот треба да го санира и ЕСМ презел одговорност и обрвска да го направи тоа. За штетата на мостот од пожарот, таа вели дека е козметичка.

    „Мостот е безбеден и сигурен, тоа ние го имаме како информација од вештачењето што го направивме и пуштивме во сообраќај две ленти. За да се пушти целосно треба да се заврши санацијата во долниот дел и за да може да се монтираат топловодните цевки. Тоа е козметичка санација во секој случај“, кажа Арсовска денеска на прес-конференција во Градски парк.

    На новинарско прашање дали ЕСМ треба да ја санира штетата, таа одговори потврдно.

    „Нормално, оној што го предизвикал оштетување неопходно е да го санира истото ако сака на истото место да ги постави цевководите. Во нивниот случај тие ја презедоа одговорноста и презедоа обврска и ние очекуваме од нив да си ја исполнат обврската што ја презеле. Од нашата страна сè што е непходно им е овозможено. Денеска како што дошле да ги монтираат цевките така можат и да ја санираат подлогата каде што треба да се постават цевките“, рече Арсовска.

    Екипи на ЕСМ денеска биле спречени да работат на мостот од инспектори на Град Скопје, за што Арсовска кажа дека немале соодветна документација.

    Во пожарот, за кој не се утврди кој го подметнал, настрадаа цевки од топловодната мрежа, кои беа отстранети од ЕСМ. Овие цевки се потребни претстојната зима градот да има нормално снабдување со топлинска енергија.

    Од ЕСМ претходно кажаа дека не се надлежни за санација на мостот, туку само да ги заменат оштетените цевки со нови. ЕСМ е надлежно за снабдување на главниот град со топлинска енергија, откако Регулаторната комисија за енергетика му ја одзеде лиценцата на БЕГ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира