ЕУ ДОДЕЛИ ГРАНТ ОД 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, СЕ ЧЕКА АРСОВСКА ДА ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДБА

    ЕУ ДОДЕЛИ ГРАНТ ОД 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, СЕ ЧЕКА АРСОВСКА ДА ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДБАОткако ќе биде пуштена во функција пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. (Фото: К. Попов)

    Европската унија додели грант од 70 милиони евра за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Со тоа, вкупната вредност на овој капитален проект за Скопје е 200 милиони евра. Претходно, во 2019 преку заем беа обезбедени 136 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

    Со тоа е заокружена финансиската рамка за проектот и се чека Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ да го потпишат договорот за градба.

    За овие средства ниту треба да се задолжиме, ниту да платиме камата, а не треба ни да ги вратиме. Ова се пари за нашите граѓани, за 500.000 жители во градот Скопје“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, кој заедно со претседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан Лилјана Павлова, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир го потпишаа договорот за грант.

    Министерката Шукова рече дека со изградбата на пречистителната станица ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води.

    Јас се надевам дека ќе ги надминеме сите предизвици кои ги имаме во рамките на овој проект и договорот за градба и договорот за надзор ќе бидат потпишани наскоро. Веќе разговаравме со градоначалничката Данела Арсовска, ќе направиме заедничка средба и ќе ги утврдиме најбзите термини кога овие договори ќе бидат потпишани и ќе стартува реализацијата на проектот“, рече министерката Шукова.

    Градоначалничката Арсовска, која присуствуваше на потпишувањето, одговарајќи на новинарски прашања кажа дека наскоро ќе бидат потпишани договорите, но не сакаше да каже кога точно велејќи дека треба да се завршат некои финални работи во врска со постапките.

    Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар да биде помалку загадена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира