ЕВН ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО СЛУПЧАНЕ, ГАРАНЦИИ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ПАК ДАЛЕ ОПШТИНА ЛИПКОВО И ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

    ЕВН ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО СЛУПЧАНЕ, ГАРАНЦИИ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ПАК ДАЛЕ ОПШТИНА ЛИПКОВО И ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИНа почетокот на претходниот месец, селаните со денови ги блокираа влезовите на селото и не им дозволуваа на екипите на ЕВН да работат на реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа. (Фото: ТВ Њуз/принтскрин)

    Локалните власти и политичките партии пак дале гаранции за безбедноста на екипите на ЕВН, по што тие ќе влезат во селото да ги отстранат настанатите дефекти, кои ги предизвикаа жителите, и да ја приклучат електричната енергија.

    „Екипите на Електродистрибуција ќе започнат со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане. Постигнат е договор со мештаните на Слупчане, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии“, соопшти ЕВН.

    Оттаму додаваат дека наредната недела во организација на министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково Еркан Арифи ќе се одржи состанок во општина Липково на кој ќе се договорат сите детали за организацијата и реализација на проектот и со работа на терен ќе се започне од 9-ти август.

    Жителите на Слупчане вчера, по вторпат овој месец, го блокираа влезот на селото по што доставија повеќе барања од ЕВН, како, на пример, простување на долговите, нови приклучоци за беспари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, ослободување на џамиите од плаќање, барања за кои од ЕВН велат дека не се законски.

    За време на протестот вчера попладне ја оштетиле трафостаница, при што без струја остана целиот регион и граничниот премин Табановце на македонско-српската граница.

    Мештаните на соседното Оризаре, кои исто така немаат струја поради дефектот, денеска одржаа протест пред канцеларијата на ЕВН, барајќи да им се приклучи струјата, бидејќи редовно си ги плаќаат сметките.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира