ЕВРЕЈСКО СЕМЕЈСТВО СО БИТОЛСКО ПОТЕКЛО ДОНИРАШЕ ОПРЕМА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ФОТО ФОНДОТ ЗА ЕВРЕИТЕ ВО АРХИВОТ НА БИТОЛА

    ЕВРЕЈСКО СЕМЕЈСТВО СО БИТОЛСКО ПОТЕКЛО ДОНИРАШЕ ОПРЕМА ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ФОТО ФОНДОТ ЗА ЕВРЕИТЕ ВО АРХИВОТ НА БИТОЛАСто килограми материјал за чување и одржување на раритетниот фотографски фонд за битолските Евреи во Државниот архив - Одделение Битола подари семејството на Џо Исак од САД. (Фото: СДК.МК)

    Семејството на Џо Исак од САД, кое води потекло од Битола, донираше сто килограми материјал за чување и одржување на раритетниот фотографски фонд за битолските Евреи во Државниот архив – Одделение Битола. Џо, кој денес живее во Вашингтон, заедно со децата Зек и Ема, поминаа многу километри носејќи четири големи куфери и други торби од САД до Битола за да ја пренесат донацијата што ја набавија со сопствени средства.

    ,,Драго ми е што помогнавме на Архивот зашто ова е една од точките во светот која ја чува вистината за Евреите. Мојот дедо ја напуштил Битола во 1903 година како 14-годишно момче. Неговиот татко останал и се преженил, а неговите потомци, цело семејство биле депортирани во логор во 1943 година”, вели Џо.

    Неговите предци живееле во еврејското маало зад Здравствениот дом во Битола. На местото на нивната некогашна куќа денес е изградена нова.

    „Неверојатно е да се биде на местото од каде сте. Нашиот дедо ни раскажуваше за историјата на ова место цел живот“, рече Ема Исак.

    Донирани се вредни материјали од специјални кутии, амбалажа, кошулки, безкиселинска хартија која не ги оштетува фотографиите и овозможува со понатамошното чување да бидат во кондиција за уште поголеми истражувања. (Фото: СДК.МК)

    Ивана Хаџиевска, магистерка на историски науки и помлад соработник во Државен архив – Одделение Битола, рече дека со донацијата многу ќе се подобрат условите за чување на архивскиот фотоматеријал за битолските Евреи.

    „Донираа вредни материјали од специјални кутии, амбалажа, кошулки, безкиселинска хартија која не ги оштетува фотографиите и овозможува со понатамошното чување да бидат во кондиција за уште поголеми истражувања“, рече Хаџиевска.

    За соработката се заслужни раководителот на Одделението во Битола Гоце Стојановски и Димитар Ѓоргиевски, помлад соработник во истата институција. Овие ентузијасти и големи вљубеници во Битола со големо внимание пристапуваат кон собирање и чување на архивски материја за минатото на градот.

    Битола крие многу приказни од животите на некогашните свои сограѓани Евреи кои згаснаа во озлогласениот логор Треблинка. Во 1943, бугарската фашистичка власт депортираше над 3.000 битолски Евреи. Битола, со зачувани старите еврејски куќи, споменици, именувања на институции по нив и со чување на Еврејските гробишта и историјата, стана огромен паметник кој не дозволува да се избрише минатото и да се заборави трагедијата од пред 79 години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира