ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЌЕ СЕ ВРАЌА ВО ФУНКЦИЈА СО ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛИ И ВИКЕНД НАСЕЛБА ОКОЛУ НЕГО

    ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЌЕ СЕ ВРАЌА ВО ФУНКЦИЈА СО ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛИ И ВИКЕНД НАСЕЛБА ОКОЛУ НЕГОНа последната владина седница беше донесена одлука дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево кое се наоѓа околу езерото да се пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план во кој ќе ги вцрта маркички за хотелски комплекс и викенд населба. (Фото: СДК.МК)

    Околу езерото Треска во Скопје ќе се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам. На последната владина седница беше донесена одлука дел од земјоделското земјиште во селата  Глумово и Шишево кое се наоѓа околу езерото да се пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план во кој ќе ги вцрта маркички за хотелски комплекс и викенд населба. За изградба на овие содржини ќе се бара приватен инвеститор, кој воедно ќе треба да го врати во функција и езерото Треска кое 20 години не работи.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за време на неговата изборна кампања ветуваше дека на скопјани ќе им го врати повторно езерото Треска и ќе биде изградена пречистителна станица за да биде водата чиста и безбедна за капење. Шилегов сега вели дека со овој проект и идната инвестиција, просторот ќе биде уреден и вратен во функција.

    „Пред една година реонот на езерото Треска беше прогласен за туристичка зона, за да може да привлече повеќе инвеститори со цел да го облагородиме тој простор. Во тек е изработка на Детален урбанистички план во Општина Сарај за овој дел, нешто што досега го немало. Во рамки на тој урбанистички план ќе се предвидат содржини и ќе се одвива инвестиција која ќе гарантира дека езерото Треска ќе биде вратено во целосно функција, во спортско-рекреативна, но и туристичка“, вели Шилегов.

    Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети под чија надлежност е езерото Треска не одговараше на нашите телефонски повици за да ги објасни плановите на Општината што точно и колку објекти ќе се предвидат да се градат околу езерото.

    Езерото Треска поради загаденост на водата и забрана за капење е затворено во 1998. Беше изградено во 1978, со самопридонес на жителите на Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира