ЕЗЕРСКАТА ПОЛИЦИЈА СПАСИ ДВЕ ДЕВОЈКИ СО СУП ДАСКИ ВО ОХРИД ОТКАКО СИЛНИОТ ВЕТЕР ГИ ОДДАЛЕЧИЛ ОД БРЕГОТ

    ЕЗЕРСКАТА ПОЛИЦИЈА СПАСИ ДВЕ ДЕВОЈКИ СО СУП ДАСКИ ВО ОХРИД ОТКАКО СИЛНИОТ ВЕТЕР ГИ ОДДАЛЕЧИЛ ОД БРЕГОТНадлежните потсетуваат дека временските услови на езерото можат брзо да се променат, а внимателното однесување и почитувањето на безбедносните правила се најдобра превенција за несакани ситуации. (Фото: СДК.МК)

    Две млади лица од Охрид вчера вечерта беа безбедно спасени откако, поради нагло влошување на временските услови, со суп даски се оддалечиле од брегот. Според информациите од полицијата, двете девојки Е. С. (19) и И. А. (18) се нашле во опасност поради силниот ветер и големите бранови, поради што сè повеќе се оддалечувале од брегот и не биле во можност да се вратат назад.

    Како што соопшти СВР Охрид, случајот бил пријавен вчера во 19:55 часот во Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, кога било пријавено дека две лица кои пловеле со суп даски во водите на езерото, на околу 1.000 метри од брегот, наспроти автокамп во Охрид, повикувале помош.

    Полициски службеници од Езерската полиција веднаш се упатиле кон посочената локација. Пристигнувајќи на местото, на околу 2.000 метри оддалеченост од брегот ги забележале лицата како се обидуваат да го одржат пловењето и да побараат помош. Со брза реакција, полициските службеници презеле мерки за нивно безбедно префрлање на полициските чамци. Тие биле безбедно пренесени во просториите на Езерската полиција, без последици по нивното здравје.

    Од СВР Охрид и Езерската полиција апелираат до капачите и корисниците на суп даски, педалинки и други пловни средства да бидат внимателни, да не се оддалечуваат од означените безбедносни зони и да ги почитуваат препораките за безбедно престојување и пловење на Охридското Езеро.

    Надлежните потсетуваат дека временските услови на езерото можат брзо да се променат, а внимателното однесување и почитувањето на безбедносните правила се најдобра превенција за несакани ситуации.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира