Поради синоќешниот митинг на СДСМ во Битола, без публика остана проекцијата на играниот филм „Жед“ на пионерскиот македонски режисер, по потекло битолчанец, Димитрие Рули Османли. Филмот се прикажуваше на фестивалот „Браќа Манаки“ во 20 часот во малата сала на Центарот за култура, што се совпадна со митингот кој започна во 20,30 часот на Социјалдемократскиот сојуз и на кого присуствуваа многу битолчани.
На почетокот на проекцијата имаше неколкумина гледачи, но кога наближа времето на митингот и тие заминаа, па до крај „Жед“ го догледаа само двајца, еден упоред гледач, почитувач на делото на Османли и кинооператорот.
Филмот се прикажуваше во програмата за одбележување на јубилеи, а по повод 90-годишнината од раѓањето на првиот дипломиран македонски режисер Османли ( 1927-2006). Тој беше роден во Битола, а потоа стана филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог. Беше професор и прв декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Имаше снимено четири играни филмови, петнаесетина документарни и повеќе од дваесет телевизиски остварувања. Филмот „Жед“ беше снимен 1971 година за селото Папратник каде децата умираа од жед зашто немаше вода, а луѓето од власта доаѓаа со хеликоптер во околината на лов, пикник и пиеа шампањ.
Сепак, филмовите што се во главна конкуренција не останаа без публика. Во изминатите денови на проекциите имаше околу триста триста гледачи, што покажува дека во Битола е оформена филмофилска публика за разлика од пред неколку години кога кино салата беше празна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА