ФИРМАТА СО БИЛБОРДИТЕ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР БАРА ДА Ѝ СЕ ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ ОТИ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-КРИЗАТА НЕМАЛА ПРОФИТ

    ФИРМАТА СО БИЛБОРДИТЕ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР БАРА ДА Ѝ СЕ ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ ОТИ ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-КРИЗАТА НЕМАЛА ПРОФИТОд кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека Општината има законска обврска оваа барање да се стави на дневен ред на седница на Советот, но тоа не значи дека градоначалникот се согласува со оваа предлог-одлука. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата „Медиа центар маркетинг“, која ги постави и стопанисува со билбордите во Општина Центар, бара договорот да ѝ се продолжи за уште 2 години оти за време на пандемијата на ковид-19 не можела да работи и не остварувала профит. Општина Центар во март 2016, во мандатот на градоначалникот Андреј Жерновски, склучи договор на 10 години со „Медиа центар маркетинг“ за поставување билборди низ општината.

    За ова барање треба да одлучи Советот на Општина Центар во кој мнозинството го има СДСМ.

    Договорот истекува на 15 март годинава.

    Сега од фирмата бараат да се склучи анекс на договорот со што рокот ќе се продолжи за уште две години. Ова барање е ставено како точка на дневен ред на седницата на Советот на Општина Центар што ќе се одржи утре.

    „Во текот на двете години кога мерките за справување со ковид-19 беа на сила бевме спречени бизнисот нормално да функционира, што доведе до значително намалување на нашите приходи. Не само што не успеавме да генерираме добивка туку и инвестицијата во поставувањето на билбордите не беше покриена. Попрецизно, понудата за еднократен надоместок што го исплативме на Општината во висина од 922.500 денари (15.000 евра), според нашиот бизнис план беше испланирана за ефиктивно работење од 10 години“, се вели во барањето на фирмата до Општината.

    Од кабинетот на градоначалникот Горан Герасимовски велат дека Општината има законска обврска оваа барање да се стави на дневен ред на седница на Советот, но тоа не значи дека градоначалникот се согласува со оваа предлог-одлука.

    „Агенцијата ‘Медиа центар маркетинг‘ има поднесено барање за пролонгирање на договорот, кој истекува во март 2026 година, а градоначалникот ја врши само службената обврска да го проследи барањето до Советот. Одлука за пролонгирање на договорот може да донесе единствено Советот, а не градоначалникот. Договорот е потпишан во мандатот на поранешниот градоначалник Жерновски за период од 10 години, за што одлука за концесија има дадено  Советот. Општинската администрација е должна барањето на  агенцијата за пролонгирање на договорот да го проследи  навремено до Советот, кој на наредната седница треба да се изјасни во однос на ова прашање“, велат од кабинетот на Герасимовски.

    Како што велат од Општина Центар,  фирмата ‘Медиа центар маркетинг‘ на Општината ѝ плаќа надоместок за локации за билборди, комунална такса и надоместок за струја.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира