Претставници на Фондацијата „Каплан“ од САД и Американскиот институт за римска култура со седиште во Рим, беа во посета на археолошкиот локалитет Стоби, каде изминатите години ја финансираат конзервацијата на Теодосијанската палата. Во конзервацијата „Каплан“ е вклулена co фонд од 400.000 долари, Американскиот институт за римска култура со 100.000 долари.
„Изборот на Стоби е поради атрактивноста на локалитетот, но и добрата соработка со вработените стручни лица во институцијата. Во Медитеранот, на културната сфера каде локалитетот Стоби припаѓа, е многу ретко ова што тука го има и го гледаме“, кажа Вил Вејнолдс од „Каплан“ чие седиште е во Њујорк.
Американскиот институт за римска култура во најголем дел е финансиран од американскиот милијардер Илон Маск. Дел од тие средства завршуваат и во Стоби.
„Тој е голем љубител на археологијата и се надеваме дека таа негова страст ќе можеме да ја искористиме и за други проекти тука“,– рече Даријус Ара, директор на Американскиот институт за римска култура.
Освен овие две странски фондации, на локалитетот Стоби десетина години е присутна и Фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Таа учествува со организирање на меѓународни школи на кои се присутни десетици археолози од светот, кои преку лето тука добиваат практична настава.
Странските фондации кои работат во Стоби имаа средба и со министерот за култура Зоран Љутков, кој исто така беше на локалитетот. Тој потсети дека годинава преку годишната програма за култура се обезбедени 10 милиони денари (околу 162.000 евра) за реализација на повеќе проекти – археолошки истражувања, конзервација, музејски активности и опремување лабораторија.
„Стоби останува наш приоритет, за да биде гордост за сегашните и идните генерации. Заедно со меѓународните партнери продолжуваме посветено да работиме на зачувување на локалитетот и современа презентација на ова исклучително културно наследство, но и подобра негова туристичка презентација“, кажа министерот Љутков.
Директорката на Националната установа (НУ) „Стоби“, Силвана Блажевска вели дека работат на зголемување на бројот на посетители.
„Потребно е повеќе да се вложи во условите кои секој турист ги бара. Тие сакаат да дојдат да го посетат локалитетот, да ги видат градбите, но и сакаат да здивнат, да одморат, да седнат и да се напијат кафе, сок. А во лето температурите тука не се баш пријатни“, вели Блажевска.
Институцијата од почетокот на годинава започна со кампањата „Дали ќе не посетиш годинава“ за да го подигне интересот на домашните посетители. Се работи и на завршување на старата железничка станица Стоби во модерен Центар за посетители. Таму треба да бидат изложени дел од артефактите на локалитетот, кои сега се во депо и не се достапни за гостите.
На Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, 18 Април, влезот во Стоби е бесплатен.
П. ПЕЧКОВ



