ГАБРИЕЛА ИЛИЕВСКА ОД ПОИНАКУ Е НОВИОТ ПРЕТСЕДАВАЧ НА БИТОЛСКИОТ СОВЕТ, ЗА НЕА ГЛАСАШЕ И ВМРО-ДПМНЕ, ОД СДСМ ГИ ОБВИНИЈА ДЕКА СЕ ТРОЈАНСКИ КОЊ

    ГАБРИЕЛА ИЛИЕВСКА ОД ПОИНАКУ Е НОВИОТ ПРЕТСЕДАВАЧ НА БИТОЛСКИОТ СОВЕТ, ЗА НЕА ГЛАСАШЕ И ВМРО-ДПМНЕ, ОД СДСМ ГИ ОБВИНИЈА ДЕКА СЕ ТРОЈАНСКИ КОЊЗа првпат во историјата на градот Советот добива претседател кој доаѓа од граѓанска листа, рече Илиевска. (Фото: СДК.МК)

    Габриела Илиевска од Поинаку е новиот претседавач на општинскиот Совет, со што Битола за првпат доби прв човек на оваа институција од редовите на независна граѓанска листа. Досега претседавач на Советот беше најчесто носителот на листата од политичката коалиција која има освоено најголем број на советници, а тоа во случајот беше ВМРО-ДПМНЕ. Но, ситуацијата во Советот е невообичаена, ВМРО-ДПМНЕ и Левица за претседател ја поддржаа Илиевска, која пак запрашана дали стапуваат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ рече дека не фаќаат страна туку дека ќе работат само во интерес на граѓаните

    „Битола испишува историја. За првпат во историјата на градот Советот добива претседател кој доаѓа од граѓанска листа. Сега во Советот ќе се работи само за интересите на битолчани и нема да има поделби кој од која политичка партија е. Демократијата во Битола добива нова нота. Ќе бидеме на страната на битолчани, се̍ она што ќе биди за добро на градот ќе биде поддржано , а она што не е добро ќе биде критикувано, граѓаните ќе ми бидат приоритет“, рече Илиевска.

    Покрај Илиевска, кандидат за претседавач беше и Методија Илиевски, советник од СДСМ, кој освои помалку гласови. СДСМ која досега беше локална власт,го изгуби советничкото мнозинство, а Илиевски обвини дека Поинаку е тројански коњ кој соработува со ВМРО-ДПМНЕ.

    „Паднаа маските. Она што го кажав уште пред две години на седница дека тројанскиот коњ е жив, денес е реалност. Тројанскиот коњ, односно Поинаку кој работеше за интересите скришно за ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската Поинаку веќе е политички привезок на режимот на Никола Груевски и Христијан Мицкоски. Поинаку од денес станува ВМРО-ДПМНЕ“, обвини Илиевски.

    Координаторот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски за Поинаку и Левица рече дека во моментов не се во официјална коалиција, туку дека сите заедно се во коалиција со граѓаните. Запрашан што побараа за возврат Поинаку и Левица, за ВМРО-ДПМНЕ да го има мнозинството рече дека немаат разговарано, не се занимаваат со политиканство и ситни политички поделби.

    На локалните избори СДСМ освои 11 советнички места и е во коалиција со ЛДП и ДУИ, па вкупно има 13 советници. ВМРО-ДПМНЕ доби 13 советнички мандати и му беше потребна Левица за да го има мнозинството, или 15 советници, во случај кога Поинаку тврди дека не зафаќа страна и покрај тоа што доби претседавач на Совет.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира