Генералниот секретар на Град Скопје Ѓоко Велковски утринава соопшти дека си заминува од функцијата, разочаран од, како што вели тој, слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Велковски истовремено беше и советник во Општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, па од Антикорупциска комисија му било укажано дека мора да се откаже од една од двете позиции.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дека Велковски е разрешен од функцијата во петокот, заедно со директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински. Оттаму додаваат дека причина за разрешувањето е нивното влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.
„Велковски во петокот е разрешен заедно со в.д. директорот на ЈП Водовод и Канализација – Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер“, велат од кабинетот на Арсовска.
Велковски вели дека Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат и во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен.
„Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе“, напиша тој на Фејсбук.
Арсовска денеска го разреши директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Златко Перински.