ГЕРМАНЦИ ЈА ПУШТИЛЕ „БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ ОД БИТОЛСКАТА СААТ КУЛА ВО 1936

    ГЕРМАНЦИ ЈА ПУШТИЛЕ „БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ ОД БИТОЛСКАТА СААТ КУЛА ВО 1936Народниот сојуз на Германија во 1936 на Битола ѝ го подарил саатниот механизам и часовникот на Саат кулата „Билјана платно белеше“ ја свирел точно на пладне (Фото: СДК.МК)

    Денес ја одѕвонува химната на градот „Битола мој роден крај“, а пред точно осум децении од битолската Саат кула се слушале звуците на „Билјана платно белеше“.  Симболот на  градот стар со векови, уште во српско време ја „пеела“ оваа изворна македонска  песна. Тоа се случило благодарение на саатниот механизам што во 1936 година на градот му го подарил Народниот сојуз на Германија. Механизмот изработен од тогашниот фабрички бренд  „Едвард Корфаге и синовите“ бил дониран во знак на благодарност, зашто битолчани им дале земјиште за изградба на германските  гробишта за војниците загинати на Македонскиот фронт.

    15 ѕвона кои ги отчукуваат мелодиите  на Саат кулата во Битола (Фото: СДК.МК)

    „Мелодијата била поставена на лентата од механизмот и часовникот ја свирел точно на пладне. Македонската песна била дел од музичкиот репертоар што саатот го свирел три пати дневно. Поставувањето на „Билјана платно белеше“ на репертоарот на часовникот, зборува дека тие што го подариле механизмот, а тоа била Германија, имале разбирање за посебноста на овдешниот народ“, вели хроничарот Ѓорги Лазаревски.

    На ѕвоното е запишана годината кога бил подарен саатниот механизам (Фото: СДК.МК)

    Тој истражувал податоци за оваа соработката меѓу Битола и Германија додека бил наставник по дополнителна настава по македонски јазик во Зинденфинген, Германија од 1987 до 1994. Од Народниот сојуз во Касел му испратиле документи, фотографии од осветувањето на тврдината каде се наоѓаат гробиштата, како и исечоци од весници. На гробиштата биле погребани посмртните остатоци од над 3.000 војници. Тврдината била осветена на 25 октомври, 1936, кога и саатот почнал да ги одѕвонува песните. Меѓу нив била и германската песна „Имав еден другар“ во која била воспеана смртта на германски војник на Македонскиот фронт, како и спрската „Химна за Свети Сава“.

    „Тој бил прв и единствен часовник во југоисточна Европа кој ѕвонел секое утро, пладне и вечер“, вели Лазаревски.

    Саатниот механизам (Фото: СДК.МК)

    До денес е зачуван страиот механизам во битолската Саат кула. На големото ѕвоно изгравирана е годината 1936, зачуван е и натпис на фирмата изработувач, како и старото пијано со една октава на кое во минатото се изведувале мелодиите.

    „Фабриката ‘Едвард Корфаге и синовите’ до 1870 година прозиведувала часовници со рачно  дневно навивање, па со седмично навивање, со автоматски електричен погон и на крај електронски часовници. Од постоењето на фабриката до сега имаат монтирано преку 400 часовници на кули со преку 6.000 ѕвона. Монтирале часовници во Мексико,  Шведска, Јапонија и други места“, вели Лазаревски.

    Старото пијано на кое се изведуваа мелодиите во минатото (Фото: СДК.МК)

    „Билјана платно белеше“ одѕвонуваше до 1969, кога се реновираше механизмот од истата германска компанија. Песните беа заменети со партизански мелодии. Последно репарирање на механизмот беше направено во 2009 со помош на стручњаци од Германија. Тогаш беше повлечена мелодијата на партизанската песна „Таму ле, мајко, близу Битола“ посветена на народниот херој Таки Даскало. Од Општината се правдаа дека ќе стават повеќе песни поради зголемениот капацитет на механизмот и дека апсурдно е да биде само една. Но, до денес градскиот часовник остана да одѕвонува само во ритамот на песната „Битола мој роден крај“ од Ајри Демировски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира