ГЕРМАНЦИТЕ ЈА ДОБИЈА „ДРИСЛА“ ПО 6-ГОДИШНА БИТКА, ГРАД СКОПЈЕ ГО ИЗБРА „ШОЛЦ“ ЗА КОНЦЕСИОНЕР НА ДЕПОНИЈАТА

    ГЕРМАНЦИТЕ ЈА ДОБИЈА „ДРИСЛА“ ПО 6-ГОДИШНА БИТКА, ГРАД СКОПЈЕ ГО ИЗБРА „ШОЛЦ“ ЗА КОНЦЕСИОНЕР НА ДЕПОНИЈАТАГрадоначалникот Петре Шилегов и Горан Ангелов, извршен директор на „Дрисла“, назначен од италијанска фирма „ФЦЛ Амбиенте“ при промовирање на филтерот на печката за медицински отпад лани во април.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Германската фирма „Шолц“ ќе биде концесионер на депонијата „Дрисла“, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Комисијата формирана од градоначалникот Петре Шилегов деновиве извршила бодување на трите фирми кои на тендерот објавен во 2011 година доставиле понуди и влегле во втората фаза, а тоа се италијанската „ФЦЛ Амбиенте“, германската „Шолц“ и австриската „АСА“. Според бодувањето на Комисијата најдобро рангирана била германската „Шолц“. Во моментов „Дрисла“ е под концесијата на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, поради што и германски „Шолц“ со години водеше судски процеси поради нерегуларности во тендерската постапка. Од декември 2016 година, „Шолц“ е во целосна сопственост на „Чихо Енвајрментал Груп“, една од најголемите кинески компании за рециклирање.

    Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека е завршено бодувањето на понудите и дека германски „Шолц“ е прворангиран.

    „В среда ќе биде закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје на која единствена точка на дневен ред ќе биде избор на нов концесионер на депонијата. Одлуката ќе биде конечна откако Советот ќе ја изгласа и тогаш ќе бидат соопштени условите под кои идниот концесионер ќе ја управува депонијата“, велат од кабинетот на Шилегов.

    Ексградоначалникот Коце Трајановски и управителот на „ФЦЛ Амбиенте“ Масимилијано Ферацоли на 4 јануари 2013 година го потпишаа договорот со кој италијанската фирма ја доби „Дрисла“ под концесија на 35 година. (Фото: Архивска фотографија)

    Ексградоначалникот Коце Трајановски на 4 јануари 2013 година потпиша договор со  италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, со кој ја добија депонијата под концесија на 35 години. Германски „Шолц“, второпласирана фирма на тендерот, двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Трајановски, повторно на двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.

    По повторната тужба на Германците во октомври 2017, Управниот суд донесе одлука Град Скопје да го раскине договорот со Италијанците и да склучи нов со Германците. По оваа одлука, на крајот на 2017 пред Нова година градоначалникот Шилегов поднесе жалба до Вишиот Управен суд, во која бараше да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот и ѓубрето на Дрисла. Вишиот Управен суд одлучи по жалбата на Шилегов лани во јули, со тоа што му наложи на Град Скопје да направи нов избор меѓу фирми кои учествуваа на тендерот.

    Италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ која 8 години стопанисува со „Дрисла“ не исполни ништо од она што се предвидува договорот за концесија. Тие требаше да направат нова постројка за индустриски и за медицински отпад, за селекција на отпадот, да  набават нова механизација и опрема, да изградат нов административен објект, како и да произведуваат струја од ѓубрето. Уште не е стигната ниту новата печка за медицински отпад, а филтри на постојаната печка за медицински отпад ставија лани откако Министерството за животна средина ги казни поради загадување на воздухот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира