Комуналните редари на Град Скопје од јануари до мај пишале 649 казни за фрлање ѓубре на јавна површина.
Од Инспекторатот на Град Скопје информираат дека во првите пет месеци од оваа година ги засилиле контролите на терен и четирикратно се зголемени бројот на казни во споредба со истиот период лани кога биле казнети 149 граѓани.
„Изречените мандатни казни се однесуваат на сторени прекршоци според Законот за јавна чистота, член 14, според кој се забранува фрлање и оставање градежен шут на јавните површини, фрлање и оставање различни видови отпадоци, оставање стари предмети од домаќинство, палење, закопување и уништување смет, уништување на урбаната и опрема. Казните се 50 евра“, вели раководителот на Инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.
Град Скопје има вработено 16 комунални редари. Раководител на Одделението за комунални редари е каратистот Дејан Недев.
А. АНТЕВСКА