ГИНЕКОЛОШКО-АКУШЕРСКОТO ОДДЕЛEНИЕ ВО КУМАНОВО ЌЕ РАБОТИ ПОД ПОСЕБЕН РЕЖИМ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ, ПАЦИЕНТКИТЕ ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ

    ГИНЕКОЛОШКО-АКУШЕРСКОТO ОДДЕЛEНИЕ ВО КУМАНОВО ЌЕ РАБОТИ ПОД ПОСЕБЕН РЕЖИМ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ, ПАЦИЕНТКИТЕ ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИПациентките и трудниците од Куманово ќе се лекуваат и пораѓаат на скопските клиники поради вондредната состојба со КОВИД-19 и позитивни тестови кај неколку вработени од гинеколошко-акушерскиот оддел на Кумановската болница. (Фото: СДК.МК)

    Поради зголемениот број здравствени работници позитивни на коронавирус, гинеколошко-акушерското одделение во Кумановската болница ќе работи под посебен режим, а пациентките и трудниците од Куманово ќе се лекуваат и пораѓаат на скопските клиники. За оваа одлука Општата болница Куманово вечерва ја извести јавноста преку Фејсбук.

    „Поради вондредната состојба со КОВИД-19 и појавата на позитивни тестови кај неколку вработени од гинеколошко-акушерски оддел, а со цел најпрофесионален однос кон потенцијалните пациентки, ве известуваме дека гинеколошко -акушерски оддел од 10.04.2020 ќе биде под посебен режим на работа. Сите пациентки, чија што здравствена состојба дозволува понатамошен третман на Универзитетската клиника за гинекологија (ГАК) Скопје или Специјалната болница „Мајка Тереза“ Чаир, со претходна најава од свој матичен гинеколог ќе бидат упатени во една од овие институции. Сите итни и неодложни животозагрозувачки случаи од гинеколошко-акушерска природа ќе бидат најпрофесионално третирани на гинеколошко-акушерско одделение. За секоја понатамошна промена во режимот на работата на гинеколошко-акушерски оддел ќе бидете навремено известени“, соопшти болницата.
    Претходно, болницата објави соопштение и до матичните лекари гинеколози- акушери, во кое ги известува сите пациентки кои се транспортибилни да се препратат со сопствено возило директно до болницата Чаир или УГАК, со претходна најава таму.

    „За оваа состојба е запознаено Министерството за здравство на Република Северна Македонија и оваа состојба ќе важи за наредните 7 до 10 дена, поточно временски период за кој очекуваме нормализирање на состојбата“, соошти болницата.

    Попладнево, министерот за здравство Венко Филипче најави дека Кумановската болница ќе продолжи со редовна работа затоа што е функционална, откако денеска ја посетиле претставници од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.

    „Направен е целосен распоред и болницата во Куманово и во периодот што престои ќе биде целосно функционална, а доколку се наметне потреба од растеретување заради поголем број на пациенти тие ќе бидат упатувани во институциите во Скопје“, рече Филипче.

    Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, побара од Министерството за здравство привремено да го затвори гинеколошко-акушерското одделение, бидејќи со коронавирус се заразиле медицински сестри и акушерки и доведен се во прашање функционалноста на институцијата и безбедноста на пациентите.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира