ГЛУТНИЦА КУЧИЊА НАПАДНА И КАСНА ДЕТЕ ВО БИТОЛА, СИТУАЦИЈАТА СО БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ ДРАМАТИЧНА И ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

    ГЛУТНИЦА КУЧИЊА НАПАДНА И КАСНА ДЕТЕ ВО БИТОЛА, СИТУАЦИЈАТА СО БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ ДРАМАТИЧНА И ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТБитола долго време се соочува со проблемот со кучиња скитници (Фото: СДК.МК)

    Тринаесетгодишно дете било нападнато од глутница кучиња и каснато додека се играло пред зградата на Стара болница во Битола. Детето со возило на Брза помош било однесено во болница каде било утврдено дека има повреди на десната глутеална регија. Од Клиничката болница соопштија дека повредите му се санирани на Ортопедското одделение и е во добра состојба.

    По овој настан, градоначалникот Тони Коњановски изјави дека ситуацијата е последица на долгогодишното непостапување на институциите околу проблемот со кучињата скитници.

    Веднаш штом ја добив информацијата за каснатото дете ги контактирав службите во Клиничка болницата во Битола. Ги контактирав и родителите на детето, кои ме информираа дека е во стабилна состојба”, рече Коњановски.

    Тој соопшти дека побарал од фирмата со која општината има склучено договор за заловување и третман на бездомни животни итно да реагира кај Старата болница. Во изминатите шест месеци тие имаат третирано 60 кучиња скитници во централното градско подрачје.

    За десет дена завршуваме со градежните активности на првата фаза од прифатилиштето за бездомни животни, а наскоро треба да ја добиеме и дозволата од Агенцијата за храна и ветеринарство за да може општината да започне со директна работа на терен”, додаде градоначалникот.

    Битола долго време се соочува со проблемот со кучиња скитници, а стационарот за нив уште не е изграден. Особено е опасно во центарот, во близина на Магнолија, кај Центарот за култура и Стара болница. За само два дена биле каснати неколкумина битолчани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира