ГЛУТНИЦИ УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО СТРУГА, КОМУНАЛЦИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ НОСАТ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ

    ГЛУТНИЦИ УЛИЧНИ КУЧИЊА ВО СТРУГА, КОМУНАЛЦИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА СЕ НОСАТ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ„Често слушам од граѓаните дека навечер со комбиња се носат кучињата и се оставаат во градот. На одредена локација се забележуваат кучиња кои претходно не биле тука. Сметам дека и полицијата треба да биде поажурна“, вели директорот на струшкото комунално претпријатие Икмет Ислами.(Фото: СДК.МК)

    Глутници кучиња во Струга секојдневно шетаат по улиците. Исплашените жители велат дека изминативе месеци нивниот број е сѐ поголем, но досега надлежните не успеваат да се справат со овој проблем.

    „Живеам во зграда во која пред влез секое утро лежат десетина кучиња. Со страв поминувам покрај нив. Не се чувствувам безбедно. Можам да замислам како им е на повозрасните граѓани или на некое дете кое се плаши“, вели помлад стружанец кој побарал решавање на проблемот, но од надлежните добил само одговор дека и тие биле свесни за состојбата.

    Од јавното претпријатие „Комунално“ Струга велат дека во нивните идни планови е и решавањето на проблемот со кучињата скитници, но засега немаат доволно средства да реализираат еден ваков проект со кој ќе ги тргнат кучињата од струшките улици. Помош ќе бараат од Општината. Директорот Икмет Ислами, за еден месец откако е на раководната функција, се соочил со низа нерешени прашања, а дивите депонии и кучињата скитници се најгорливите проблеми на градот.

    „Планираме во текот на наредната година заедно со Општината да направиме едно собиралиште, стационар за што треба да се обезбеди соодветна локација. Мора да се решаваат проблемите во градот кои со години не се решени. Стигнуваат поплаки од граѓани за кучињата и тој проблем ќе ни биде еден од приоритетните за решавање“, вели Ислами.

    Според него, кучињата во Струга често пати биле носени од други градови.

    „Често слушам од граѓаните дека навечер со комбиња се носат кучињата и се оставаат во градот. На одредена локација се забележуваат кучиња кои претходно не биле тука. Сметам дека и полицијата треба да биде поажурна“, додава Ислами.

    Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко вети општинска помош и дел од средствата на буџетот ќе се  наменат за хуман третман на животните.

    „Свесни сме за проблемот кој го имаме со години и треба да се отвориме расправа со советниците. Тоа е добра работа која треба да ја направиме. Еден стационар има во Струга, приватен, кој можеме да го користиме доколку на сопственикот му помогнеме финансиски преку реализација на проект, но тоа е во случај доколку не се успее да се обезбедат средства за да направиме општински стационар. Во секој случај, ќе мораме да обезбедиме финансии“, вели Мерко.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира