Уредувајќи го дворот на средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, директорот и дел од вработените откриле дека низ него поминува пруга стара речиси сто години. Пругата сите овие години биле невидлива за професорите и учениците бидејќи била затрупана со земја, но сега како што раскажува директорот Александар Сибиновски го разубавува дворот и ќе им биде корисна во наставата на учениците од смерот железнички сообраќај.
„До пред неколку дена не знаевме дека имаме вакво богатство во дворот. Ја откривме случајно кога работевме на поставување ново осветлување. Делот каде се наоѓа пругата беше нерамен и обраснат со треви и случајно видов дека ѕирка парче железо. Почнавме да го расчистуваме просторот и ја откривме пругата, на која е изгравирано дека е изградена 1926 година“, вели директорот на училиштето „Владо Тасевски“ Александар Сибиновски, кое пред 60 години било отворено како железничко-техничко училиште.
Откако ја откриле пругата вработените во училиште почнале да копаат низ дворот каде што имало остатоци од пругата, ја исчистиле, а за да добие автентичен изглед поставиле и камења в средина.
Во дворот на училиштето одамна стои и локомотива, една од двете кои своевремено сообраќале низ земјава. И таа со години не била одржувана и била обрасната со трева, а сега е реставрирана и оплеменета.
„Локомотивата е од 1936 година, иста таква има во паркот во Ѓорче Петров, а втората е донесена кај нас за да им послужи на учениците кои учат железнички сообраќај. Сето ова ме поттикна да ја возобновам идејата да се направи мал музеј на Македонска железница во дворот на училиштето. Токму покрај пругата има простор за тоа. Во Скопје живее голем колекционер и вљубеник во железница, кој поседува значајни артефакти кои се сериозно историско богатство. Би било убаво да има место каде тие ќе можат да се изложат и да се чуваат“, вели Сибиновски.
А. АНТЕВСКА