ГО НАМАЛИВМЕ ДОЛГОТ НА ОПШТИНА ОХРИД, А УЧИЛИШТАТА КОНЕЧНО СЕ СО ПОЗИТИВНО САЛДО, РЕЧЕ ПЕЦАКОВ ВО ОТЧЕТОТ

    ГО НАМАЛИВМЕ ДОЛГОТ НА ОПШТИНА ОХРИД, А УЧИЛИШТАТА КОНЕЧНО СЕ СО ПОЗИТИВНО САЛДО, РЕЧЕ ПЕЦАКОВ ВО ОТЧЕТОТЗа Пецаков најголема гордост е организацијата на јубилејното издание на „Охридскиот пливачки маратон“. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков во отчетот за сработеното во првата година од својот мандат кажа дека затекнатиот долг од 856.831.830 денари е намален за 202.214.512 денари.

    „Управувањето со народните пари не е никаква вештина, туку, чест, чесност и одговорност за секој денар. Свесни дека финансиската стабилност на Општината е главната основа за успешно функционирање, исклучително бевме посветени на процесот на раздолжување“, рече Пецаков.

    Пецаков посочи дека се сервисирани сите заостанати обврски во училиштата, со што за првпат општинските училишта ја започнаа новата учебна година без долгови.

    „Покрај сервисирањето на долговите на сите училишта, реализиравме значајни инвестиции во сите училишни објекти во вредност од 20.148.000 денари. Оваа година воведовме и многу новини во делот на поддршката на талентирани ученици, а за првпат обезбедивме и поддршка за семејствата на првачиња. Во насока на обезбедување на подобри услови за настава, подготвени се неколку проекти за реконструкција на училиштата и за иаградба на нови училишта, кои ќе бидат реализирани во наредните три години“, кажа Пецаков.

    Како што рече тој, се работи и на подобрување на финансиската состојба на јавните претпријатија кои ги затекнале во многу лоши услови.

    „Покрај враќањето на старите долгови, нашиот главен фокус беше насочен и кон подготовка и реализација на инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат подобри услови за живеење на сите граѓани“, рече Пецаков кој ги повика локалните опозиционери на поголема конструктивност и објективност.

    Во отчетот охридскиот градоначалник зборуваше и за поддршката на проекти за промоција на туристичките потенцијали, културното и природно наследство. Како најголема гордост ја посочи организацијата на јубилејното издание на „Охридскиот пливачки маратон“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира