Денеска во Основниот суд во Струга се водеа две судски постапки против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за незаконско поставување на директори во основни училишта. Едната постапка е за трите предмети кои се споени, за Подгорци, Лабуништа и Основното училиште (ОУ) „Браќа Миладиновци“ во Струга, а другата за училиштето во Велешта каде има повеќе обвинети кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“.
Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење.
Според обвинението, Мерко како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31 јануари 2022 , при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа, назначил лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и назначената немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа. Со тоа Мерко овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да ѝ се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.
„Именувана е без искуство од 5 години, а воедно претходно не била вработена во редот на вработените во школото. Била на замена на три месеци во 2016 , вработена како педагог но до тој период сѐ уште немала диплома. Нејзината плата во целост е исплатена за целиот период од нејзиното именување во рок од година и пол со што е направена штета оти се исплатени на лице коешто не ги исполнува условите“, изјави обвинителката Валнеса Бизаки-Дилали.
Именуваната в. д. директорка во ОУ „Мурат Лабуништи“ во Лабуништа, Јасмина Мустафоска, пред судот кажа дека ја прифатила функцијата на предлог на училишниот одбор , но не се сеќаваше дали имало распишан оглас ниту пак каде ги доставила документите за избор на в. д директор и колкава плата земала. Почнала со работа откако го добила Решението за именување на в. д. директор, а градоначалникот Мерко, кој претходно не го познавала, го запознала на состаноци.
На второто денешно рочиште, градоначалникот Мерко се товари за незаконско именување на в. д директор во ОУ „Зини Хани“ во Велешта, а директорката на училиштето Егзона Шеи се сомничи дека ја фалсификувала дипломата. Според извршените редовни и вонредни инспекциски надзори во училиштето, било утврдено дека именуваната директорка на школото не ги исполнувала условите за в .д. директорка оти немала уверение за положен испит, не поседувала сертификат за познавање на англиски јазик и немала 5 години работно искуство што е спротивно на Законот за основно образование.
Обвинетата Шеи претходно била вработена со средно образование. Во договорот за вработување од 31 август 2018, стои дека таа е апсолвент и се вработува како приправник. Во Фондот за пензиско имала 4 години и 8 месеци работно искуство како наставничка по различни предмети, со што не била соодветна и не ги исполнувала условите за работа како наставничка.
Судскиот процес со сослушување на сведоци ќе продолжи на 21 октомври.
С. ВРЕНЦОВСКА