Патничките возови кон Кичево и Кочани не сообраќаат од мај 2021. Од Македонски железници велат дека причината е поради недостиг на возни средства, патнички возови, локомотиви. Но, не е извесно кога железничкиот патнички сообраќај во овие два правци повторно ќе се воспостави. На прашањето до министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при пуштањето на гасоводот Неготино – Битола, дали се планира набавка на нови локомотиви, возови, тој не даде прецизен одговор, но не пропушти да каже дека државата одделува големи средства за Македонски железници. Причината за несообраќањето на возовите кон Кичево и Кочани, тој ја лоцираше во економската неисплатливост.
„Интересот на патниците за овие две делници е исклучително намален. Поради тоа сите оперативни линии, како Скопје – Велес и обратно, оперираат со голем број патници. Владата има одобрено средства за помош на ова претпријатие за да продолжи со патничкиот железнички превоз, за да опстане во овие тешки времиња. Тоа е од исклучителна важност за државата“, кажа Бочварски и најави либерализација на железничкиот транспорт.
Изминатава година имаше повеќе случаи кога поради расипување на локомотивите, патничките возови доцнеа со часови до крајната дестинација. Така имаше случај кога до Скопје до Битола се патуваше еднаш 8, другпат 10 часа иако по ред на возење е три и пол часа.
Железничарите стравуваат дека со немањето сообраќај кон Кичево и Кочани се уништува железничката пруга. Железничкиот патен правец Велес – Кочани е изграден во Кралска Југославија 1923-1926. Пругата од Скопје кон Гостивар и Кичево е градена во две делници, до 1952 и до 1969 година.
П. ПЕЧКОВ