ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГОДИНАШНИОТ РОД ВО ПРЕСПА ЌЕ ЗАВРШИ КАКО ИНДУСТРИСКО ЈАБОЛКО ПОРАДИ ШТЕТИТЕ ОД ГРАДОТ

    ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГОДИНАШНИОТ РОД ВО ПРЕСПА ЌЕ ЗАВРШИ КАКО ИНДУСТРИСКО ЈАБОЛКО ПОРАДИ ШТЕТИТЕ ОД ГРАДОТЗаев денеска во Преспа го откина првото јаболко, со што симболично започна јаболкоберот (Фото: СДК.МК)

    Голем процент од годинешниот јаболков род во Преспа ќе биде предаден за индустриско јаболко како последица на штетите од врнежите град, кои во текот на годината зафатија дури 80 проценти од насадите во овој крај. Со цел да се ублажат загубите на овоштарите, премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство Ајранит Хоџа, кои денеска во Преспа го откинаа првото јаболко, со што симболично започна јаболкоберот, најавија субвенција од плус три денари за индустриското јаболко.

    „Годинава не очекуваме проблеми со пласманот. Проблемот се создава во делот на индустриското јаболко. Поради тешката година, има поголеми количини и поради тоа издејствуваме од буџетот да издвоиме три денари по килограм за производителите“, рече Хоџа, кој е роден ресенчанец.

    Според првичните проценки на терен, на индустриското јаболко ќе отпадне скоро половина од родот.

    „Од околу 4.500 хектари со јаболкови насади се предвидува род од 120.000 до 150.000 тони. За жал, поради лошите временски услови во Преспа, околу 80 проценти од овошните насади претрпеа штети од градот. Затоа се предвидува 60.000 до 70 000 тони да бидат предадени како индустриско јаболко. Во нашата Преспа јаболкото значи живот. Над 3.000 семејства се поврзани со јаболкото, од кои една половина директно зависи само од него“, рече градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

    Миниситерот за земјоделство Хоџа најави дека македонското јаболко годинава ќе заврши и на украинскиот пазар, каде ќе се увезува без царина. Тој додаде дека во Ресен се поделени 2.000 картички за зелена нафта како дополнителна помош за земјоделците

    Премиерот Заев рече дека оваа година, и покрај коронакризата и глобалната економска криза, државата исплатила субвенции за овоштарството од околу 9,5 милиони евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира