ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ ВО БИТОЛА, ЗА 800 ПРИЈАВЕНИ ЌЕ НЕМА ПАРИ

    ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ ВО БИТОЛА, ЗА 800 ПРИЈАВЕНИ ЌЕ НЕМА ПАРИПредност за добивање субвенции ќе имаат барателите кои живеат во зоните со поголемо загадување на воздухот, при што ќе мора да предадат печка на дрва (Фото: СДК.МК)

    3.354 битолчани конкурирале на повикот што го објави Општина Битола за субвенционирање на високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата. Тоа е околу 800 пријави повеќе од вкупниот број граѓани кои ќе можат да добијат пари за промена на печките на дрва. Ако се земе предвид дека за оваа намена се издвоени 155 милиони денари, а максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател изнесува 55.800 денари нето или 62.000 денари бруто со данок на личен доход, тоа значи дека би биле субвенционирани околу 2.500 граѓани. Можно е и нешто повеќе доколку секој од нив не го искористи максимално предвидениот износ по домаќинство.

    Општина Битола за десетина дена ќе ги објави резултатите од јавниот повик, а поднесените апликации ги разгледува 15-члена комисија. Граѓаните имаа можност да се пријавуваат од 18 септември до 2 октомври, а средствата се обезбедени од ЕСМ.

    Интересот за овој јавен повик беше толку голем, што првиот ден на неколку часови падна и веб-страницата за електронско пријавување, откако некои повторно аплицираа поради непотполни податоци. Со повторените апликации имаше околу 4.000 барања.

    Распределбата на средствата ќе се врши според редоследот на пријавување. Првенство ќе имаат барателите кои живеат во зоните со поголемо загадување на воздухот, при што ќе мора да предадат печка на дрва за да добијат субвенции.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира