ГОЛЕМИОТ ПОЖАР НАД БИТОЛА НАСТАНАЛ ОД ДИВА ДЕПОНИЈА, ВЕЛАТ ПОЖАРНИКАРИТЕ

    ГОЛЕМИОТ ПОЖАР НАД БИТОЛА НАСТАНАЛ ОД ДИВА ДЕПОНИЈА, ВЕЛАТ ПОЖАРНИКАРИТЕПожарот уште не е под контрола, голема површина е зафатена, но нема опасност од проширување во градот, вели Пожарната. (Фото: СДК.МК)

    Не е исклучена можноста големиот пожар над Битола да настанал од дива депонија крај обиколницата над градот каде околното население недозволено се ослободува од сметот. Командирот на Битолската пожарна Горан Димковски рече дека причина е топлото време, но и ѓубриштето.

    „Почна пожарот точно од кај ѓубрето, или некој горе го запалил, не можам точно да кажам. Дуваше силен ветер. Сè уште не е под целосна контрола. Се трудиме да го изгаснеме и ставиме под контрола.. Вклучен е целиот капацитет на Пожарната со 40 пожарникари, доброволни противпожарни друштва, граѓани. Голема површина е зафатена, претежно гори нискостеблеста шума и самоник бор. Нема опасност од проширување во градот“, рече Димовски.

    Градоначалникот Тони Коњановски, кој беше на кризното место, изјави дека во овој дел од градот ги чистат дивите депонии, но постојано се создаваат одново.

    „Топлото време и човечки фактор. Тука се јавуваат диви депонии. Ние ги санираме континуирано и имаме апел до граѓаните. Јавните претпријатија редовно ги чистат, но секојдневно се јавуваат нови“, рече Коњановски.

    Тој додаде дека мобилизирани се сите расположливи сили во градот и ќе сторат сè за да се спречи понатамошно ширење на огнот.

    Пожарот се појави околу 16 часот. Лош сојузник беше ветерот, а во гаснењето еден пожарнокар доби со изгореници на дланките и грбот, но е вон животна опасност и е примен во Клиничката болница во Битола.

    Ова е еден од зелените белодробни појаси на Битола кои во пожар настрадаа и пред деценија и пол.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира