Голем број граѓани попладнево излегоа во центарот на Битола против отварањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“. На отворањето треба да присуствува и премиерот на Бугарија Кирил Петков.
Забележително е присуство на голем број полициски екипи кои го обезбдуваат просторот и не дозволуваат лицата кои протестираат да се доближат до клубот.
Никола Костурски oд заедница на Македонците протерани од Грција рече дека протестот не е против бугарскиот народ, туку против бугарската влада која ги негира и не ги признава Македонците.
Вчера за отворањето на клубот реагираа од Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи од Битола, како организација која се грижи за негување на традициите и придобивките од Народноослободителната борба и Антифашистичката војна на Македонија. Велат дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам.
„Преку името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III, се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна. Се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално донстоинство“, пишува во нивното соопштение.
Ж. ЗДРАВКОВСКА