Горан Стефановски, еден од најреномираните македонски драмски писатели кој почина лани на 27 ноември, ќе добие спомен-обележје во скопско Дебар Маало, соопшти Општина Центар. Спомен-обележјето ќе се наоѓа на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“.
Дебар Маало беше едно од омилените места на Стефановски во Скопје, кој повеќе од две децении живееше во Велика Британија.
На вчерашната седница на Советот, советниците ја усвоија измената на програмата за одбележување значајни настани, истакнати личности и маалски традиции со спомен-обележја во Општина Центар. Со тоа, „се усвои иницијативата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за поставување на спомен обележје на драмскиот писател и член на МАНУ надвор од работниот состав Горан Стефановски“, соопшти Општината.
Идејата за поставување на спомен-обележје на Стефановски, минатот месец на својот фејсбук профил ја објави националниот координатор за култура во Владата Роберт Алаѓозовски.
Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.
Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Б. НЕСТОРОСКА