ЃОРЧЕ ПЕТРОВ НЕМА ПАРИ ДА ЈА ДОВРШИ ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ОТКАКО „ТРАНСМЕТ“ НА СЕАТ КОЧАН ОТИДЕ ВО СТЕЧАЈ

    ЃОРЧЕ ПЕТРОВ НЕМА ПАРИ ДА ЈА ДОВРШИ ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ОТКАКО „ТРАНСМЕТ“ НА СЕАТ КОЧАН ОТИДЕ ВО СТЕЧАЈЗа довршување на делот што и припаѓа на Општината потребни се пола милион евра. (Фото: СДК.МК)

    Општина Ѓорче Петров нема пари да ја доврши административната зграда која почна да ја гради фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеат Кочан. Откако Кочан во јули 2018 година беше осуден на затворска казна за предметот на СЈО „Труст“, неговата фирма отиде во стечај и со тоа остана недоизградена општинската зграда во Ѓорче која требаше да биде дел од трговскиот центар „Емпорио“.

    Откако беше отворена стечајната постапка во 2019, договорот меѓу Општината и „Трансмет“ за јавно-приватно партнерство беше раскинат и Општината го доби делот кој и припаѓа според договорот, но неизграден до крај.  Делот кој што требаше да припадне на „Трансмет“ во стечајната постапка е продаден на друг правен субјект.

    „Делот кој што треба да припадне на Општината 95 отсто е изграден, остануваат недовршени внатрешните градежно- занаетски работи, тестирање на инсталацииите и опремување со мебел и друга опрема. За довршување на делот на Општината се потребни околу 500.000 евра. Општината во моментов нема толку пари за да може сама да го доврши делот што и припаѓа“, велат од Општина Ѓорче Петров и додаваат дека во моментов службите се сместени во неколку објекти кои се сопственост на Општината и не плаќаат кирија.

    Договорот за изградба на трговскиот центар „Емпорио“ во кој дел ќе биде наменет за општинската зграда на Ѓорче Петров беше склучен во јуни 2013 по спроведена постапка со јавен оглас. Предвидуваше приватниот партнер, компанијата „Трансмет“ да изгради административна деловна зграда со бруто површина од 15.000 метри квадратни и подземен паркинг простор. Од вкупната површина, 24 отсто односно 3.600 метри квадратни и 40 паркинг места под објектот припаѓа на Општината, а 76 односно 11.400 квадрати на приватниот партнер.

    Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на 6 години затвор на 20 јули 2018, а на 11 март 2019 Апелациониот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци. Од август 2019 Кочан ја издржува заторската казна.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира