Со 29 гласа „за“ од вкупно 45 советници Советот на Град Скопје вчера го усвои Буџетот за 2026 година. Останатите советници кои беа во салата воопшто не гласаа.
Буџетот на Градот за наредната година е околу 85 милиони евра, но не се знае за кои точно проекти ќе се трошат парите на граѓаните и колку пари за кој проект ќе бидат потрошени. Во Буџетот кој беше доставен до советниците не се наведени проектите туку само колку пари по програма се распределени.
Со години, односно во мандатите на Трифун Костовски, Коце Трајановски, Петре Шилегов, Буџетот кој потоа се објавува и на веб-страната на Град Скопје за да може да биде достапен за граѓаните, бил изготвен со прецизирање точно кои проекти ќе се реализираат и колку пари ќе се издвојат за секој проект. Но, со доаѓањето на функција на Данела Арсовска која на локалните избори во 2021 година беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, оваа пракса беше прекината. Па само се наведуваше колку пари се предвидени по ставки – на пример во ставка заштита на животна средина, ставка образование, ставка култура, ставка изградба на локални улици и слично.
Сега истата пракса ја продолжи и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, иако во ноември на седницата за ребаланс на Буџетот на критиките на советниците рече дека ваквиот начин на подготовка ќе престане.
„Повторно Буџетот не е даден на ниво на проект за јасно да се гледа што се финансира со нашите пари. Дел од ставките се видливи преку програмите, но не се сите поединечки проекти. Низа меѓународни препораки се прекршени со тоа што ја немаме онаа последна табела што ја има секој сектор каде стојат сите поединечни проекти кои ќе се спроведуваат од јавните пари. Не барам ништо ново или дополнително, Секторот за финансии веќе го има сработено така Буџетот, но која е причината зошто не го прават во таа форма? Беше кажано дека ова раководство ќе го смени тоа и ќе ја врати старата практика, и сега не ми е јасно зошто не е тоа направено“ рече Марјан Калевски, советник од „Зелен хуман град“.
Советникот на Левица Игор Димески исто така го искритикува вака подготвениот Буџет и рече дека токму поради тоа нема да го поддржи.
„Во Буџетот треба да ги има сите програми и ова што го гледаме не кореспондира со програмата со која градоначалникот победи на изборите. На куп се ставени сите расходи и капитални инвестиции, сето е направено сарма, што би рекол народот. Да се даде налог на службите кога ќе имаме ребаланс да биде направен според пропис“, рече Димески.
Советникот од ЛДП и поранешен градоначалник на Скопје Ристо Пенов кажа дека ќе го поддржи овој Буџет поради краткиот рок за неговата подготовка, но рече дека со него не се влегува во решавање на ниеден од сериозните проблеми на градот.
„Градот има проблем со загаден воздух, со комунална опрема, автобуси, јавен превоз и сообраќајот. Има проблем и со Вардариште, а со овој Буџет сите овие работи не се тангираат“, рече Пенов.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во обраќањето до советниците рече дека буџетот за 2026 година е за 12,04% зголемен во однос на 2025 година. Како капитални проекти ги најави изградба на Луна парк, подземната сообраќајница под „Лимак“, улицата Љубљанска, булеварите Борис Трајковски и АСНОМ, проширување на улицата Цветан Димов, како и довршување на клучката кај Момин поток. Најави повеќе пари за скопската пожарна и набавка на нова опрема за нив, униформи за средношколците, набавка на нови возила за собирање ѓубре и подигнување на нови зелени површини. Рече дека ќе се инвестира во реконструкција и опремување на културните установи и Зоолошката градина, проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, заштита и уредување на културното наследство како скопско Кале, Аквадуктот, Старата чаршија и Скупи, како и изградба на бунари за техничка вода за наводнување. Предвидена е директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи со цел нивно раздолжување и стабилизирање до првата половина на 2027 година.
А. АНТЕВСКА



