Нема да се менува проектот за Брзиот автобуски превоз (БРТ) во Скопје, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој вели дека ќе го продолжи онака како што е наследен односно дека нема да се менува трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче туку само трасата од Бутел до Кисела Вода ќе биде продолжена кон Драчево.
Проектот, направен во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов, предвидува првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да минува низ средишната жардиниера на булеварот Партизански одреди, каде се наоѓа главната водоводна цевка во градот.
Ѓорѓиевски вели дека проектот мора да се продолжи како решение за подобрување на јавниот превоз во градот и да не плаќа државата камата за кредитот од 70 милиони евра кој е одобрен од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Што да правиме, да го прекинеме ли проектот?. За него државата има земено кредит. Јас лично никогаш не сум го критикувал овој проект, туку имав забелешка дека треба да се продолжи до Драчево за да се опфати и тој дел од градот и тоа ќе го направиме. За критиките дека ќе минува над главната водоводна цевка, има експерти во таа област кои ќе кажат како тоа може да се направи, сега технологијата е отидена многу напред. Јавно ќе биде презентиран проектот пред јавноста пред да почне реализацијата“, вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот кажа дека проектот, кој четири години беше закочен од ексградоначалничката Данела Арсовска, е откочен и дека во март ќе стартува негова реализација.
„Имав средби со претставници на ЕБОР со кои е договорено да формираме проектна единица и да се направи измена на планот за јавни набавки за да може да старуваат активностите“, рече Ѓорѓиевски.
- ЃОРЃИЕВСКИ ГО ПРОДОЛЖУВА БРТ ПРОЕКТОТ ПОЧНАТ ОД ШИЛЕГОВ, КОЈ ПРВО АРСОВСКА, А ПОТОА И СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО БЛОКИРАА
-
АРСОВСКА ГО СТОПИРАШЕ ТЕНДЕРОТ ЗА АВТОБУСКО МЕТРО ВО СКОПЈЕ РАСПИШАН ОД ШИЛЕГОВ И ЕБОР
По изјавите на Ѓорѓиевски дека ЕБОР го откочува проектот и дека Градот ќе го продолжи овој проект, реагираа од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ), кои се против трасата да минува низ средишното зеленило бидејќи треба да се сечат дрвја.
„Бараме предлогот да биде јавно презентиран, да биде заснован на научни анализи и да претрпи измени во консултации со заинтересираната јавност со што ќе се осигура дека ќе биде најдоброто решение за Скопје“, велат од „Зелен хуман град“.
Поранешното раководство на Градот предводено од Петре Шилегов работеше на проектот околу три години заедно со експерти на Европската банка за обнова и развој. Притоа, со средства од ЕБОР во висина од 75.000 евра се направени истражувања и изработка на студијата, во што учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство.
Со буџетски пари од Градот, врз основа на истражувањата и студијата, се правеше проектот за првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, за што беа потрошени 95.000 евра. Проектот го правеа група на понудувачи – Друштво за трговија и проектантски услуги „24 ИНГ“ ДООЕЛ увоз-извоз од Битола и Трговско друштво за проектирање инженеринг и консалтинг „Прима инженеринг“ од Скопје.
-
АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ ЌЕ МИНУВА НАД ГЛАВНАТА ЦЕВКА ЗА ВОДА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА ПУКНЕ
Потоа, во април 2021 беше потпишан договорот со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.
„Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справувањето со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуриран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде што ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа на потпишувањето на заемот претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси.
Во јули 2021, проектот ѝ беше презентиран на јавноста и беше кажано дека возилата ќе се движат по посебна лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.
Потоа, кон крајот на мандатот на Шилегов беше распишан тендер за фирма која ќе го имплементира новиот систем на јавен превоз кој беше објавен на страната на Европската банка за обнова и развој. Кога дојде на функцијата, Данела Арсовска го стопираше тендерот со образложение дека БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје и имал бројни недостатоци и ризици кои ќе влијаат врз животната средина.
А. АНТЕВСКА



