ЃОРЃИЕВСКИ ОД ПОНЕДЕЛНИК НАЈАВИ НОВИ 55 ПРИВАТНИ АВТОБУСИ КОИ УШТЕ СЕ СО СТРАНСКИ ТАБЛИЧКИ, НЕ ОДГОВОРИ ДАЛИ ИМА ОГЛАС И ОДЛУКА НА СОВЕТОТ ЗА НИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

    ЃОРЃИЕВСКИ ОД ПОНЕДЕЛНИК НАЈАВИ НОВИ 55 ПРИВАТНИ АВТОБУСИ КОИ УШТЕ СЕ СО СТРАНСКИ ТАБЛИЧКИ, НЕ ОДГОВОРИ ДАЛИ ИМА ОГЛАС И ОДЛУКА НА СОВЕТОТ ЗА НИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ ВО ЈАВНИОТ ПРЕВОЗСАКАМДАКАЖАМ.МК го праша Ленин Јованоски кој 25 години како сопственик на приватниот превозник „Слобода превоз“ беше дел од јавниот превоз во градот, каква е процедурата за да може да се вклучат нови автобуси. Јовановски ни кажа дека мора да се спроведе целосна постапка односно да се донесе одлука на Советот на Град Скопје и потоа врз основа на таа одлука да се распише јавен оглас.(Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска најави дека од понеделник во јавниот превоз во Скопје ќе бидат вклучени 55 нови приватни автобуси. Тој на прес-конференција заедно со приватните превозници рече дека покрај постојните, ќе се вклучат и нови автобуси на кои им се дадени лиценци за да се надокнади недостатокот од возила во јавниот превоз.

    Новите автобуси беа паркирани на паркингот кај салата „Борис Трајковски“ и речиси половина од нив беа со странски регистарски таблички.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша новиот градоначалник Ѓорѓиевски дали за вклучувањето на новите автобуси има распишано оглас, дали има одлука на Советот на Град Скопје и дали е потпишан договор со приватните превозници, како што била процедурата досега. Тој не даде конкретен одговор, туку кажа дека во изминатиот период на приватнивците не им биле потпишувани лиценците, што вели дека е причината зошто граѓаните мораа да чекаат со часови на постојките.

    „За новите 55 автобуси се потпишани лиценците и тие се однесуваат за 55 нови автобуси. Сите останати автобуси за кои беше потпишан догоговор меѓу Градот и приватните превозници остануваат ,плус се додаваат нови 55. На овие лица некој со месеци не им ги потпишуваше лиценците и правеше опструкции. Дополнително ќе се среди и неплаќањето кон нив“, рече Ѓорѓиевски.

    На нашето прашање зоште се автобусите што беа построени пред новиот градоначалник уште се со странски регистарски таблички, Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници одговори дека уште не се добиени лиценците за новите 55 автобуси.

    „Автобусите уште се со странски регистарски таблички бидејќи тоа е процедура. Кога ќе се донесат возилата треба да поминат царина, па хомологација, тоа е процес кој треба да помине, а исто така и ќе се офарбаат во црвено-бела боја. Откако ќе се реши тоа се поднесува барање за лиценца до Град Скопје и така натаму“, објасни Зафировски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша и Ленин Јованоски кој 25 години како сопственик на приватниот превозник „Слобода превоз“ беше дел од јавниот превоз во градот, каква е процедурата за да може во сообраќајот да се вклучат нови автобуси. Јовановски ни кажа дека мора да се спроведе целосна постапка, односно да се донесе одлука на Советот на Град Скопје и потоа врз основа на таа одлука да се распише јавен оглас.

    „Во моментов ограничен е бројот на приватните превозници по бројот на автобуси. Ако сака приватниот превозник да замени нов автобус, тогаш мора да излезе еден кој е на список, за да влезе нов. Така е во одлуката на Советот и според тоа не може да се зголеми бројот на автобуси. Автобусот што влегува на местото на стариот го презема системот за електронска евиденција. Ако се вклучат нови автобуси потребни се и нови валидатори, што не знам дали ги има во ЈСП. За да може приватните превозници да вршат превоз на нови линии со нови автобуси мора да има постапка, односно одлука од Советот дека одредена линија целосно или делумно се доделува на приватните превозници и таа постапка се спроведува на јавен оглас. До завршување на огласот не може да сообраќаат и да бидат дел од јавниот превоз. Во спротивно се дозволува да се врши дејност од јавен интерес без јавен оглас и се прави кривично дело“, ни одговори Јовановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира