ГОРИ РАСАДНИКОТ ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА, ПОЖАРОТ СЕ ШИРИ БЛИЗУ ЗГРАДИТЕ

    ГОРИ РАСАДНИКОТ ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА, ПОЖАРОТ СЕ ШИРИ БЛИЗУ ЗГРАДИТЕДиректор на ЦУк Стојанче Ангелов вели дека пожарот се шири на сите страни, но во моментов нема опасност за околните објекти.(Фото: СДК.МК)

    Попладнево изби пожар во расадникот во скопска Кисела Вода. Како што кажа директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојаче Ангелов, пожарот се шири на сите страни, но во моментов нема опасност за околните објекти.

    „Имаме шумски пожар среде град. Горат дрвја, грмушки и трева. Пожарот има зафатено голема површина, се шири во сите насоки. На лице место има една екипа од скопската Пожарна, ќе пристигнат и други. Проблемот е тоа што пожарот се шири во круг на сите страна. Нема потреба од паника иако се шири густ час, пожарникарите работат на терен“, рече Ангелов.

    Во близина на пожарот кој брзо се прошири и зафати голема површина, на неполни 30-на метри има згради, како и паркинг со многу коли, а на околу 500 метри има и бензинска пумпа. Набргу откако изби пожарот снема и струја во зградите близу расадникот.

    Повеќе од половина час откако се разгоре, со интервенција на пожарникарите пожарот беше локализиран, но уште спорадично се појавуваат помали жаришта. Истовремено, со багер се копа заштитен појас вдолж работ на расадникот со околните згради.

    Расадникот во Кисела Вода е најголемата и последна зелена површина од тој размер која е на само 2 километра од центарот на Скопје.

    Лани на 21 ноември, беа претставени конкурсните решенија кои стигнаа на меѓународниот конкурс за уредување на неизградениот простор кај Расадник кој го распиша Општина Кисела, а со кои за 80 отсто е намалена станбената површина. Како што кажаа претседателот на жири -комисијата и декан на Архитектонскиот факултет Огнен Марина и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, сите пет пристигнати решенија ќе се земат предвид при носење на новиот Детален урбанистички план (ДУП), бидејќи ги препознале насоките за хуман живот во овој дел. Особено се издвојуваат двете првонаградени решенија и тоа едното на архитекти од Грција, а другото на архитекти од Хрватска. Третонаграденото решение е од Литванија, а решението на студентите од нашиот Меѓународен балкански универзитет е откупено од Општината.

    Општина Кисела Вода тогаш најави дека на почетокот на годинава ќе го почне процесот за изработка и донесување на новиот ДУП, по што точно ќе се знае како ќе биде уреден просторот и што ќе се гради.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира