ГРАД СКОПЈЕ ДОСЕГА ПОТРОШИЛ 170.000 ЕВРА ЗА ПРОЕКТОТ АВТОБУСКО МЕТРО ЗА КОЈ АРСОВСКА РЕЧЕ НЕ ГО ПРАВИ ОТИ НЕ ГО ИЗГЛАСАЛЕ ГРАЃАНИТЕ

    ГРАД СКОПЈЕ ДОСЕГА ПОТРОШИЛ 170.000 ЕВРА ЗА ПРОЕКТОТ АВТОБУСКО МЕТРО ЗА КОЈ АРСОВСКА РЕЧЕ НЕ ГО ПРАВИ ОТИ НЕ ГО ИЗГЛАСАЛЕ ГРАЃАНИТЕГрадоначалничката Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата веднаш кажа дека нема да го прави автобуското метро оти тоа било проект на нејзниот претходник Петре Шилегов. (Фото: К.Попов)

    Околу 170.000 евра досега се потрошени за проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро, кој новата градоначалничка Данела Арсовска рече дека нема да го спроведе оти граѓаните на изборите го изгласале нејзиот проект за 250 нови автобуси и бесплатен јавен превоз.

    Поранешното раководство на Градот предводено од ексградоначалникот Петре Шилегов заедно со експерти на Европската банка за обнова и разбој (ЕБОР) на пректот работеа околу три години. Притоа со средства од ЕБОР во висина од 75.000 евра направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство.

    Со буџетски пари од Градот врз основа на истражувањата и студијата се правеше проектот за првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче за што беа потрошени 95.000 евра. Проектот го правеа група на понудувачи – Друштво за трговија и проектантски услуги „24 ИНГ“ ДООЕЛ увоз-извоз од Битола и Трговско друштво за проектирање инженеринг и консалтинг „Прима инженеринг“ од Скопје.

    Потоа во април годинава беше потпишан договорот со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

    „Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справување со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуиран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа на потпишувањето на заемот претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси.

    Кон крајот на минатиот месец на сајтот на Европската банка за обнова и развој беше објавен меѓународниот тендер за воведување на Бас рапид транзит (БРТ) или автобуското метро во Скопје. Тендерот ќе се спроведува во две фази, а првата претквалификациска фаза ќе трае до 14 декември. Тендерот опфаќа проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров. Токму на местото каде треба да биде депото во Ново Лисиче, Арсовска вториот работен ден како градоначалничка, одржа прес-конференција со градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски најавувајќи изградба на парк на тој простор.

    Новата градоначалничка Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата веднаш кажа дека нема да го прави проектот и дека по средбата со ЕБОР ќе ги објави сите детали во јавноста. Вчера Арсовска имаше средба со претставници на ЕБОР во земјава, но не кажа што разговарале и дали им рекла дека Градот се откажува од проектот. На прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК од нејзиниот кабинетот не добивме  одговори туку само емаил во кој стои дека  “во наредниот период следат средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што градоначалничката ќе излезе со конкретни одговори за јавноста“.

    Како што неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК на средбата со претставниците на банката Арсовска не кажала дека ќе го прекине проектот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира