ГРАД СКОПЈЕ ГО ПОВЛЕЧЕ АЛИ ПАША ЈАНИНСКИ ОД ЛИСТАТА ЗА ИМЕНУВАЊЕ УЛИЦИ

    ГРАД СКОПЈЕ ГО ПОВЛЕЧЕ АЛИ ПАША ЈАНИНСКИ ОД ЛИСТАТА ЗА ИМЕНУВАЊЕ УЛИЦИОд Градот велат дека Али паша Јанински е повлечен од листата за никој да не се чувствува навреден. (Фото:СДК.МК)

    Град Скопје го повлече името на Али паша Јанински од листата за именување улици, плоштади, мостови и паркови. Оваа одлука е донесена на денешниот состанок на Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови, по реакцијата на влашката заедница и Демократски сојуз на Власите во земјава, дека тоа е навредливо за нив бидејќи Али паша Јанински е личност која извршила геноцид врз Власите.

    „Одлуката за повлекување на името на Али паша Јанински е донесена со цел никој во градот да не се чувствува засегнат или навреден од именувањето на улица или инфраструктурен објект“, велат од Град Скопје.

    Али Паша (1741-1822) е феудалец од албанско потекло, паша на Јанина, кој се одметнал од централната отоманска власт и бил независен владетел на Албанија, Епир и Мореја, а потоа ја проширил својата власт и во Македонија, Тесалија и Грција. Поради суровоста во управувањето, влегол во народната традиција како беспримерен зулумќар. Али Паша е одговорен за уништување на Москополе и Грамос, двата наголеми влашки центри со развиена култура, академија, високи школи и трговија, што и било причина за масовното иселување на Власите низ цела Европа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира