ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГИ ДЕКОРИРА ИСЕЧЕНИТЕ СТАРИ ДРВЈА

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГИ ДЕКОРИРА ИСЕЧЕНИТЕ СТАРИ ДРВЈАВо Градскиот парк засега во форма на куќа со прозорци, врати, покрив и двор уредено е едно дрво (Фото: Фејсбук)

    Дел од дрвјата што ќе се сечат низ Скопје ќе станат декоративни. Екипите на ЈП„Паркови и зеленило“ почнаа со украсување на дрвјата. Во Градскиот парк засега во форма на куќа со прозорци, врати, покрив и двор уредено е едно дрво. Од Градот велат дека ги очекуваат реакциите на граѓаните, па во иднина ќе продолжат со уредување во декоративни форми и на други дрвја.

    „Старите кои дрвја кои мораат да се исечат решивме да добијат декоративен изглед, да го красат градот. Во работилницата на ЈП ‘Паркови и зеленило‘ од соодветни матријали се изработуваат декоративни елементи, па дел од дрвјата ќе добијат форма на куќа или некоја друга фигура. На оние места каде што ќе се решиме за декорирање ќе оставаме околу еден метар висина на исечено дрво за да можат да се уредат“, велат од Град Скопје.

    Градоначаникот Петре Шилегов пред месец и половина изјави дека наследил 1.000 стари и заболени дрвја кои треба да се исечат. Тој рече дека неговиот претходник Коце Трајановски на службите во Градот им дал усна наредба последните две години да не се сечат дрвјата за кои биле изготвени решенија, иако претставуваат опасност за граѓаните.

    „Сечеа здрави дрвја за да градат згради, а било наредено да се стопира со сечењето на стари и болни дрвја кои се опасност и за кои има изготвено решенија. При невремето само за еден ден ни паднаа 100 дрвја. Што ако, не дај боже, некое дрво паднеше некому врз глава? Сега во Градот има решенија за сечење на околу 800 дрвја, за кои мораме да интервенираме. Нема да ги исечеме сите одеднаш. Тоа ќе го правиме постепено, тргнувајќи од оние кои се најголема опасност за граѓаните. Тоа ќе го направиме во консултации со невладините организации на кои ќе им ја дадеме на увид целата документација и образложенија од службите“, рече Шилегов.

    Град Скопје во пролетната акција за зазеленување на градот засади 4.000 дрвја, а наесен, како што најавува Шилегов, ќе се посадат 8.000 нови садници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира