ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ЈА ПРЕЗЕМЕ ТОПЛОВОДНАТА МРЕЖА ОД БЕГ, НАЈАВИ ШИЛЕГОВ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ЈА ПРЕЗЕМЕ ТОПЛОВОДНАТА МРЕЖА ОД БЕГ, НАЈАВИ ШИЛЕГОВГрадоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во моментов договорот на БЕГ е спротивен на законот за енергетика и со одлука која треба да ја донесе Владата очекува од есен Град Скопје ќе стане сопственик на топлификациската мрежа, со што ќе се создаде тарифен модел кој ќе биде соодветен за потребите на граѓаните.(Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе ја преземе дистрибуцијата на топлинската енергија од „Балкан енерџи груп“(БЕГ). Градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во моментов договорот на БЕГ е спротивен на законот за енергетика и со одлука која треба да ја донесе Владата очекува од есен Град Скопје ќе стане сопственик на топлификациската мрежа, со што ќе се создаде тарифен модел кој ќе биде соодветен за потребите на сите граѓани.

    „По Закон за енергетика не може ист субјект да ги врши истите дејности во рамки на енергетика, затоа во системот на струја постојат ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН. Истото треба да се случи и во топлификација, односно треба да има производител, дистрибутер и оној кој врши малопродажба на топлинска енергија. Во моментов договорот на БЕГ е спротивен на закон. Во лудилото кога стратешки се грешеле работи, донесена е одлука топловодниот систем да се даде на ПУИГ, кој го отстапува на БЕГ да го управуваат. Ќе побараме во рамките на Законот за енергетика, Владата со одлука да го додели на управување на Град Скопје. Со тоа автоматски Градот ќе стане сопственик на топлификацискиот систем и ќе купува енергија од производителите Те-То, БЕГ, Топлана Запад, Топлана Север“, вели Шилегов.

    Постапката за преземање како што вели Шилегов треба да почне после 15 април, кога завршува грејната сезона. Во текот на летото да бидат донесени неопходните одлуки и до септември да се преземе управувањето со топловодниот систем.

    „На овој начин ќе може да се создаде тарифен модел соодветен на потребите на граѓаните и целокупниот систем да биде поврзан што не е случај сега. Ќе можеме на 14.000 луѓе кои се откажаа од Топлификација да им понудите тарифи со кои ќе ги вратиме во системот. Фактот што Градот ќе има топлификација и гасификација ќе овозможи да ги креира политиките за затоплување на домови, нешто што како стратегија недостасувало во Скопје. Ќе бараме измени и на Законот за градба со кои при проектирање на сите нови објекти дел од проектната документација ќе мора да биде начинот на затоплување“, објаснува Шилегов.

    За управување со топловодниот систем Град Скопје ќе формира свое претпријатие, кое ќе ги преземе вработените кои сега работат на одржување на топлификациската мрежа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира