ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ ДЕПОНИЈА ЗА ГРАДЕЖЕН ШУТ ВО ШУТКА ЗА ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ГО ФРЛААТ КАЈ ЌЕ СТИГНАТ

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ ДЕПОНИЈА ЗА ГРАДЕЖЕН ШУТ ВО ШУТКА ЗА ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ ГО ФРЛААТ КАЈ ЌЕ СТИГНАТОдлагањето на градежниот шут за граѓаните ќе биде бесплатно а фирмите цените ќе бидат како што велат од Градот ниски. - Градоначалникот Петре Шилегов во рециклажниот двор за депонирање на кабаст отпад во Карпош. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје ќе отвори депонија на која граѓаните и фирмите ќе треба да го депонираат градежниот шут. Се планира центарот за градежен шут да биде во општина Шуто Оризари, а како што најавува градоначалникот Петре Шилегов, одлагањето за граѓаните да биде бесплатно.

    „Од досегашните анализи увидовме дека низ градот се создаваат мини депонии токму од градежен шут. Досега граѓаните па и фирмите немале опција каде да го одложуваат. Со Општина Шуто Оризари имаме начелен договор таму биде сместена депонијата. Со тоа ќе им овозможиме на граѓаните бесплатно, а на фирмите по релативно ниски цени да го депонираат овој вид на отпад“, вели градоначалникот Шилегов.

    Предвидено е Град Скопје да купи машина со која ќе се обработува градежниот шут кој ќе се носи во депонијата и откако тој ќе биде преработен ќе се користи како градежен материјал за потребите на Градот.

    „Со преработката нема да имаме потреба повеќе да купуваме тампон затоа што сомелениот градежен шут претставува градежен материјал и тоа е заштеда на Градот“, додава Шилегов.

    Покрај депонијата за градежен шут во општина Гази Баба, Град Скопје ќе отвори капацитет за депонирање на гранки од зеленило и трева, кои пак ќе се преработуваат и ќе се користат како ѓубриво.

    „Тревата или гранките граѓаните според правилата за депонирање на комунален отпад не смеат да ги фрлаат во контејнери, но за жал никој не го почитува тоа. Еве отворивме три центри за кабаст отпад, но тие се празни и понатаму тој се фрла покрај контејнерите. Во план е набавка на нови контејнери, откако ќе создадеме услови, ќе ги засилиме инспекциите и ќе почнеме да казнуваме. Верувам дека кога ќе им ги понудиме на граѓаните овие три центри за депонирање на различен вид отпад, полека ќе почнат да ги менуваат навиките“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира