ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА ЗАБАВНИОТ ПАРК

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ЗЕМЕ КРЕДИТ ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА ЗАБАВНИОТ ПАРКГрадоначалникот Петре Шилегов очекува Забавниот парк да биде готов наредната година. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Град Скопје ќе земе кредит во висина од 12 милиони евра за изградба на Забавен парк и набавка на реквизити. Одлуката за кредитно задолжување по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ќе биде ставена на усвојување од Советот на Град Скопје на седницата в среда.

    „Со цел дополнително да се поттикне визијата на Град Скопје како развиен културно-историски и спортско – рекреативен туристички центар, една од долгорочните цели на Градот Скопје е изградба на нов тематски забавен парк, кој ќе понуди повеќе реквизити за забава и возбуда. Од причини што проценетата вредност не може да биде обезбедена во текот на една година, изведбата на објектот ќе се одвива етапно во фази при што и финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на реквизити и нивно монтирање се обезбедени од буџетот на Градот Скопје, во текот на 2020 и 2021 година. 94 милиони денари се обезбедени до буџетот на Градот за 2020 година, а останати 766 милиони денари преку кредит“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов.

    Според новиот проект кој беше направен врз основа на студијата од италијанското архитектонско студио „Беса“, забавниот парк добива сосема нов концепт. Ќе зафаќа поголема површина од сегашната, 26.000 метри квадратни, односно ќе се прошири на просторот каде сега се наоѓаат летните дискотеки во Градски парк. Исто така наместо Луна парк тој ќе се вика Забавен парк, ќе има содржини и реквизити за различни возрасти и многу повеќе отколку што беа предвидени со претходниот проект. Набавените 7 реквизити во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски ќе се вклопат во новиот парк, а плус ќе бидат купени уште 20.

    Градоначалникот Шилегов очекува Забавниот парк да биде готов наредната година. За да се обезбеди доволно паркинг простор на посетителите на местото на бараките на Град Скопје ќе се прави монтажен паркинг, со капацитет од 600 до 900 паркинг места.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира