ГРАД СКОПЈЕ НЕ МОЖЕ ДА ГО ОСЛОБОДИ ТРОТОАРОТ СПРОТИ ГЛАВНА ПОШТА ОД КОЛИ ОТИ СТАНАРИТЕ САКААТ ДА ИМААТ МЕСТО ЗА ПАРКИРАЊЕ

    ГРАД СКОПЈЕ НЕ МОЖЕ ДА ГО ОСЛОБОДИ ТРОТОАРОТ СПРОТИ ГЛАВНА ПОШТА ОД КОЛИ ОТИ СТАНАРИТЕ САКААТ ДА ИМААТ МЕСТО ЗА ПАРКИРАЊЕОд Град Скопје велат дека ова не е прв случај да наидуваат на отпор кога ги ослободуваат тротоарите од паркирани возила.(Фото: СДК.МК)

    Станарите од зградите на булеварот ВМРО, спроти зградата на Пошта, не дозволуваат Град Скопје да го ослободи тротоарот од паркирани коли и да го уреди во пешачка зона оти немале кај да паркираат. Станарите велат дека не се против уредување на просторот, но сметаат дека треба да се обезбеди место и за паркинг. Тие предлагаат на овој дел да се воведе резидентно паркирање, при што ќе имало место и за пешачка и велосипедска патека.

    Во моментов овој дел е постојано блокиран од возила бидејќи тука не се наплаќа паркирање.

    Од Град  Скопје велат дека ова не е прв случај да наидуваат на отпор кога ги ослободуваат тротоарите од паркирани возила.

    „Некои станари сметаат дека паркингот е човеково право и дека градот е должен да обезбеди паркинг за секое возило што тие ќе го купат. Во конкретниот случај, го понудивме градскиот паркинг пред нивната зграда, кој е со ограничен капацитет, да биде наменет само за возилата на станарите, но за куќните совети тоа не е доволно. Би сакале да потсетиме дека од пред неколку години на само неколку стотини метри од нивната зграда се отворени две катни гаражи каде можат по разумни цени да ги паркираат своите возила“, велат од Град Скопје.

    Од таму објаснуваат дека за уредување на овој дел добиле петиција од други станари од истата зграда кои бараат просторот да им биде прооден и ослободен од возила.

    Град Скопје лани го ослободи од возила и го уреди тротоарот спроти соборниот храм Свети Климент Охридски па се до крстосницата кај ТЦ „Палома Бјанка“. На овој дел кој со години беше блокиран со паркирани возила бидејќи не се наплатуваше паркирање, сега поставени се столпчиња, а тротоарот е уреден во пешачка и велосипедска патека, поставени се клупи и засадено е зеленило.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира