ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА СО УРИВАЊЕ НА ДЕЛ ОД КУЌИТЕ ВО КЕРАМИДНИЦА ЗАРАДИ ИЗГРАДБА НА БУЛЕВАР И ПОВРЗУВАЊЕ СО МОСТОТ „ГЕНЕРАЛ МИХАЈЛО АПОСТОЛСКИ“

    ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА СО УРИВАЊЕ НА ДЕЛ ОД КУЌИТЕ ВО КЕРАМИДНИЦА ЗАРАДИ ИЗГРАДБА НА БУЛЕВАР И ПОВРЗУВАЊЕ СО МОСТОТ „ГЕНЕРАЛ МИХАЈЛО АПОСТОЛСКИ“Од Градот велат дека паралелно се работи на експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот за целосно завршување на оваа важна сообраќајна врска. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје почна со уривање на дел од куќите во Керамидница заради пробивање на булеварот кој треба да се поврзе со мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во Аеродром. Според проектот, низ Керамидница треба да се пробие булевар кој ќе биде продолжени на булеварот АСНОМ кој минува низ Аеродром. Со тоа ќе се отвори нова сообраќајница која ќе ги поврзе општините Аеродром и Гази Баба.

    „По истекот на рокот за иселување на семејствата чии имоти беа опфатени со завршената експропријација, создадени се услови да продолжиме со следниот, клучен чекор кон неговото отворање. Паралелно продолжува и експропријацијата на преостанатиот дел од булеварот за целосно завршување на оваа важна сообраќајна врска“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

    Овој проект почна во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов, кога беше изграден мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Со доаѓање на функција на Данела Арсовска проектот беше стопиран. Арсовска изјави дека мостот ќе биде за ловење риба, не може да се стави во функција оти имало многу нерасчистени имотно-правни односи на трасата низ Керамидница.

    Со доаѓањето на функција на Ѓорѓиевски продолжија работите на овој проект што беа закочени од Арсовска.

    Со изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа рута.

    Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира