ГРАД СКОПЈЕ ПОДДРЖА 177 ПРОЕКТИ ОД КУЛТУРАТА СО ВКУПНО 220.000 ЕВРА, АРСОВСКА КОНЕЧНО ЈА ОБЈАВИ ЛИСТАТА

    ГРАД СКОПЈЕ ПОДДРЖА 177 ПРОЕКТИ ОД КУЛТУРАТА СО ВКУПНО 220.000 ЕВРА, АРСОВСКА КОНЕЧНО ЈА ОБЈАВИ ЛИСТАТАНа повикот лани во октомври пристигнаа 564 апликации, а поддржани се 177 проекти; - Градоначалничката Данела Арсовска (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје доцна попладнево ја објави листата со поддржани проекти од областа на културата за 2022, една недела откако одбиените кандидати реагираа за нетранспарентност и еден ден откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека градоначалничката Данела Арсовска ги крие добитниците зашто одби да одговори зошто не се објавени резултатите од конкурсот и кога тоа ќе се стори, со оглед дека станува збор за буџетски пари. Резултатите се донесени со неколкумесечно доцнење.

    Како што соопшти Градот, на повикот лани во октомври пристигнаа 564 апликации, а поддржани се 177 проекти, со вкупно 220.000 евра (13.300.000). Поддршката за поединечен проект е од 25.000 денари до милион, а оваа најголема сума ја добиле фестивалите „Златно славејче“ и „Фјужн фестивал 5“.

    Куриозитет во програмата е што во категоријата изведбени уметности е поддржан Илинденски марш 2022, за што Здружението за традиционално организирање на Илинденски марш добило 100.000 денари.

    Неколку организации добиле пари за проекти во различни категории, но тоа како практика се среќавало и лани и други години.

    Во областа на визуелните уметности и уметност на новите медиуми поддржани се 29 проекти со вкупна вредност од 1.482.000 денари. Во областа на изведбените уметности поддржани се 24 проекти со вкупна вредност од 2.785.000 денари, и во оваа категорија најмногу доби „Интерарт културен центар“, вкупно 600.000 денари, од кои 300.000 се за годишната програма, а  300.000 за осумнаесеттото издание на Танц Фест Скопје.

    Во областа на музичките уметности поддржани се 65 проекти со вкупна вредност од 6.433.000 денари. Во издавачката дејност и библиотекарство поддржани се 20 проекти со вкупна вредност од 960.000 денари, и тука најмногу пари, по 100.000 денари добија „Антологија на македонската рок поезија – 1967 – 2022“ на Тошо Филиповски, и „Оптимизација на самоглас за слепи и лица со оштетен вид“ на Здружение за афирмација на уметност ФЛУКТУС Скопје.

    Во меѓународната соработка поддржани се 24 проекти со вкупна вредност од 1.100.000 денари, а во областа на културниот туризам, промоција на културното наследство и музејска дејност поддржани се 15 проекти со вкупен износ од 540.000 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира