ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЏЕТИ УРИВА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА, А КРИЕ ШТО ЌЕ СЕ ГРАДИ ИАКО УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН МОРА ДА Е ЈАВНО ОБЈАВЕН

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЏЕТИ УРИВА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА, А КРИЕ ШТО ЌЕ СЕ ГРАДИ ИАКО УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН МОРА ДА Е ЈАВНО ОБЈАВЕНСо градежните работи на езерото планот почнува да се реализира, а никој не знае за какви и колку објекти се нацртани маркички.(Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети го крие Деталниот урбанистички план (ДУП) за езерото Треска и не кажува што е предвидено да се гради таму. Од пред две недели, по негов налог, со механизација на општинското јавно претпријатие се уриваат објектите на езерото, се бара камперите да го напуштат комплексот, но не се кажува што ќе се прави со некогашниот симбол на Скопје.

    Деталниот урбанистички план за Треска е донесен кон крајот на мината година, но никој од јавноста не го видел. Според Законот за урбанистичко планирање, општината треба да одржи јавна презентација и да спроведе јавна анкета, а планот откако ќе се донесе да биде објавен на општинската веб страна за да биде достапен до јавноста. Со градежните работи на езерото планот почнува да се реализира, а никој не знае за какви и колку објекти се нацртани маркички.

    Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК уште додека планот беше во фаза на изработка побара од градоначалникот Беџети да ни каже што ќе се предвиди со него, но информации не добивме. И сега откако на Треска се урива со денови баравме ДУП-от да ни биде презентиран и достапен, но Беџети се правдаше дека урбанистот бил на боледување, иако и тој како градоначалникот учествува во донесување и изработка на планот, а потоа престана да одговара на нашите телефонски повици, смс и вибер пораки.

    Езерото Треска беше под надлежност на Град Скопје до ноември 2013 кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ го предаде во владение на Општина Сарај. Тогашниот градоначалник на Сарај Беким Мурати најавуваше дека Треска ќе прерасне во нова туристичка атракција во Скопје, дека има заинтересирани странски инвеститори, најмногу од Турција, но досега тоа не се реализираше, бидејќи не беше донесен деталниот план.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој во својата изборна програма ветуваше враќање на сјајот на езерото Треска со јавно-приватно партнерство, вели дека токму тоа ќе се прави сега, но во јавноста се појавуваат шпекулации бидејќи Беџети не го објаснил планот.

    „Мене ми е многу жал што се дозволи езерцето од ингеренции на Градот да премине на Сарај и ние сега и да сакаме немаме формално моќ да го земеме под нас. За тој дел постои одлука од Владата за прогласување на туристичка зона и детален план според кој ќе се уреди просторот. Би било добро планот да биде презентиран на јавноста за луѓето да знаат за што станува збор и тоа градоначалникот Беџети требало да го направи пред да почне со градежните работи. Сметам и дека за камперите може да се најде решение и има доволен простор тие да останат таму”, вели Шилегов.

    Владата лани дел од земјоделското земјиште во селата  Глумово и Шишево, кое се наоѓа околу езерото, го пренамени во градежно за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може во овој дел од предградието на главниот град да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што воедно ќе се врати во функција и езерото.

    Езерото Треска е изградено во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје. Со површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи, во 1980-тите и 1990-тите функционираше како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу езерото кое е длабоко од 1,6 до 3 метри се наоѓаа бунгалови, кафулиња, ресторани, базени, гардероби, тоалети, спортски терени, како и камп за приколки и трејлери. Езерце Треска живееше само 20 години. Во 1998 година, поради загаденост на водата е затворено за капење и оттогаш почнува неговото пропаѓање. Денеска, дваесетина години откако е затворено, комплексот околу езерото е целосно уништен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира