Градоначалникот на Валандово Николче Чурлиновски го забрани референдумот за рудници во Валандово. Тој донесе решение со кое го стопира објавувањето на одлуката на Советот на Општината за распишување референдумско изјаснување на валандовчани за работата на рудникот Казандол, но и за отварање рудници. Во решението тој наведува дека Советот немал надлежност да одлучува за прашања што не се во негова надлежност.
„Предметната одлука на Советот на Општина Валандово не е во согласност со закон, затоа што е донесена за прашања кои што не се во надлежност на Советот на Општина Валандово и за кои со закон не е овластен да одлучува, бидејки отварањето рудници е во надлежност на Владата на РМ“, стои во решението од Чурлиновски во кое напишал дека со стопирање на оваа одлука спречува незаконско и неосновано трошење милион и 200 илјади денари, кои со одлука на Советот требаше да ги обезебеди за организирање референдум во Валандово за што морал да прави ребаланс.
Советот на Општина Валандово оваа недела со осум гласа „за“ донесе одлука за распишување референдум за рударскиот комплекс Казандол но и за отварање нови рудници, по собраните и доставени 2.213 потписи за референдумско изјаснување во ДИК од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“.
Валандовчани веќе трет месец се обидуваат да добијат зелено светло од општинските власти за граѓанско изјаснување за функционирање на тешка и загадувачка индустрија во нивната општина. Но претседателката на Советот Јасмина Сечкова одбиваше да закаже седница со ваква одлука, поради што советниците сами донесоа одлука за референдум.
Засега нема информации дали и кога Советот на Општина Валандово повторно ќе заседава за распишување референдум. Во слична ситуација беа и дојранчани кога градоначалникот Стамов не ја потпиша мајската одлука за референдум, поради што советниците заседаваа и во јуни носејќи одлука со која го опфатија и рударскиот комплекс Казандол, за што не се сложи Стамов, за да завчера на вонредна седница советниците ја потврдат веќе донесената.
В. ТРАЈКОВ