ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТОВСКИ БАРА ГРАД СКОПЈЕ ДА ГИ ВРАТИ СТАРИТЕ ИМИЊА НА 38 УЛИЦИ ВО БУТЕЛ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТОВСКИ БАРА ГРАД СКОПЈЕ ДА ГИ ВРАТИ СТАРИТЕ ИМИЊА НА 38 УЛИЦИ ВО БУТЕЛСтанува збор за 38 улици, чии имиња беа сменети во време на ексградоначалникот Петре Шилегов.(Фото: Општина Бутел)

    Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски поднесе иницијатива до Град Скопје да се вратат старите имиња на улиците во општината. Станува збор за 38 улици, чии имиња беа сменети во време на ексградоначалникот Петре Шилегов.

    „До мене како градоначалник и до Општина Бутел изминатиот период пристигнаа голем број иницијативи од граѓани. Не станува збор само за албански имиња туку и за македонски, што значи нема никаков национализам. Станува збор за тоа што насилно од Петре Шилегов беа сменети имињата и сега граѓаните си бараат да се вратат старите. Одлуката сега понатаму е во надлежност на Град Скопје“, рече Костовски.

    Костовски рече дека иницијативата ја доставува по барање на граѓани на улицата Краишка доставена на 19 мај годинава, а меѓу потпишани граѓани има и Албанци.

    Советнциите на ВМРО-ДПМНЕ во декември 2021, веднаш по составувањето на новиот Совет на Град Скопје, на една од првите седници побараа да се вратат старите имиња на улиците донесени во времето на Коце Трајановски, а кои Петре Шилегов ги промени. Но, оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ не помина бидејќи албанските партии не им дадоа поддршка, со што немаа доволно гласови да се стави на дневен ред, па барањето беше повлечено.

    Издавањето лични документи со новите имиња на улиците почна од мај годинава и оттогаш се соочуваат со проблеми при вадење на документите. Го пропуштаат закажаниот термин да извадат нов пасош, лична карта или возачка дозвола оти потребно е да приложат уверение од Град Скопје за новото името на улицата. Граѓани кои се јавија во нашата редакција велат дека отишле во полициската станица „Беко“ да извадат нов пасош, но им било речено дека мора да донесат уверение од Град Скопје, бидејќи името на улицата било сменето. За да го извадат уверението од Градот граѓаните мора да приложат имотен лист не постар од 6 месеци кој чини 250 денари и да платат такса 50 денари. Притоа уверението не се издава веднаш на шалтерите во барака 16, туку се чека од 5 до 10 дена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира